Прашан што ќе следува доколку нивните барања не се прифатат, Ефремов рече дека ќе ги известат сите братски синдикати, не само од Балканот, туку и од Европа, како и сите амбасади и европски институции

„Вашата плата не е под минималната, нашата зошто е?“, „Вашата основа е под минимална правда!“, „Вратете се назад на факултетите“, „ Важат ли законите за нас или само кога треба да не казнувате“, беа дел од транспарентите што можеше да се прочитаат на денешниот протест што Независниот синдикат на полицијата (НСП) го организираше на раскрсницата кај „Мавровка“.
Стотината собрани полицајци, поддржувајќи го претседателот на НСП, Мартин Ефремов, побараа да се почитува Законот за минимална плата, како и уедначување на судската пракса на целата територија на државата кога се досудува во предмети против Министерството за внатрешни работи, а кои се однесуваат на разлика до минимална плата.
„Во моментов имаме илјадници предмети кои полициските службеници ги водат против Министерството за внатрешни работи во кој бараат да се досуди разлика до минималната плата. Полициската плата е составена од основна плата, плус зголемување, минат труд, додатоци, а по Законот за минимална плата основната плата не може да биде под минималната плата“,
рече Ефремов во изјава за медиумите за време на протестот.










Според него, Апелационите судови во Гостивар и Битола имаат донесено решенија со кои се поткрепува тоа што го бараат од НСП, но оти скопска Апелција и Граѓанскиот суд на 21 март донеле „решение со коешто се обидуваат на направат сосема друга и поинаква судска пракса“.
„Ова доаѓа по нивното советување, конференција, состанок во МВР каде претпоставуваме дека поради умилкување судиите сакаат да постигнат целосна промена на судската пракса и законот во полицијата да не важи, односно законот за минимална плата да не биде применет како што треба во државата“,
рече тој.
Ефремов побара судските предмети што се од другите градови да ги видат во Скопје и да ја воедначат судската пракса за целата територија.
Ако нешто не им е јасно, Ефремов ги упати на катедрите за трудово право за да им појаснат што е основна плата, што е минимална плата и што е плата.
Прашан дали ова значи дека во различни делови од земјата полициски службеници земаат различна плата и колку во овој момент во Скопје се пресметува основната плата, Ефремов даде појаснување.
„Тоа значи дека во различни градови во државата судовите кажуваат дека на едни полициски службеници треба да се исплати повеќе плата, а во Скопје велат дека ни е доволна оваа плата што ја земаме затоа што со овие пресуди колегите веќе имаат наплатено и е докажано дека нивната плата е испод минималната, а за жал скопските судови велат дека тоа не следува. Тука доаѓа до еден голем револт, до една голема невоедначеност на платите во полицијата“,
додаде тој.
Ефремов кажа дека платата во полицијата е лесно да се пресмета, односно дека треба да се помножи висината со бројот на бодови што ги имаат.
„Полициски службеник има од 550 бодови, па нагоре што значи дека стартува од 550 бода, а бодот во МВР е 35,47 денари што значи дека полициската плата е многу испод минималната плата“,
рече Ефремов.
Прашан што ќе следува доколку нивните барања не се прифатат, Ефремов рече дека ќе ги известат сите братски синдикати, не само од Балканот, туку и од Европа, како и сите амбасади и европски институции.
„И секако дека ќе продолжиме со протестите на кои буквално ќе им нацртаме ова што го зборуваме затоа што од тоа што ни следува и од законот нема да се откажеме“,
кажа Ефремов.
На денешниот протест Независниот синдикат на полицијата доби поддршка од Кристина Ампева, претседател на „Гласен текстилец“ кој е дел од Сојузот на синдикати – 5та сила.
„Изминатите децении Судскиот совет, судиите, целиот дуски систем доби доволно финансиска и техничка поддршка, меѓутоа повторно довербата на граѓаните е два отсто. Жал ми е што тие два отсто се благодарение на неколку чесни судии што ги имаме, но тоа не е доволно. Или нека се вратат на факултет и нека го учат Законот за работни односи, нека видат дека шест месеци се доволно за да се досуди постапка и дека треба да ја зголемат довербата бидејќи некој вложува во ни, а работниците очекуваат правна држава“,
рече Ампева.
Протетстот доби поддршка и од нивните колеги од Црна Гора и од Србија.
Од оваа локација, протестот на Независниот синдикат на полицијата продолжи пред Судскиот совет од каде беа упатени истите барања.