За помалку од 24 часа, односно во периодот од 10 часот вчера до 7 часот утрово, противпожарната служба на Грција примила 1 424 повици за помош, од кои 779 во областа Атика, поширокиот дел на Атина. Во неколку делови во земјата затворени се и училиштата и градинките. Во главниот град еден автобус од вчера е заглавен во подвозник, додека во Солун автобус пропадна на улица

Невремето „Балос“ веќе втор ден создава проблеми во повеќе делови во Грција, а на островот Евија е регистрирана и првата жртва.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, исчезнатиот 69-годишен маж, по кој од вчера трагаа пожарникари и специјални спасувачки тимови во село во јужниот дел на островот, денеска е пронајден мртов.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека безживотното тело било пронајдено во речно корито, додека пак според АНА-МПА, 69-годишниот сточар синоќа со неговиот автомобил бил повлечен од надојдената вода.
Денеска проблеми поради обилни врнежи сè уште има на Халкидики и Крф, а во Солун автобус пропадна на улица, откако се отворила дупка на асфалтот. За среќа, не е повреден никој од патниците.

Во Атина денеска нема проблеми, со оглед на тоа дека утрово и претпладнето не врнеше, но се санираат штетите од вчерашното невреме.
Автобус на јавниот превоз, кој вчера се заглави во подвозник во Атина, веќе 24 часа е на истото место, со оглед на тоа дека насобраната вода достигнува до метар и половина.

За помалку од 24 часа, односно во периодот од 10 часот вчера до 7 часот утрово, противпожарната служба на Грција примила 1 424 повици за помош, од кои 779 во областа Атика, поширокиот дел на Атина.
Во периодот од еден часот по полноќ до осум часот утрово два булевара во Атина беа затворени, со забрана за сообраќај на автомобили и јавен превоз, а денеска затворени се државните служби во Атика, додека, пак, грчката Влада му препорача на приватниот сектор да работи од дома.
Основните и средните училишта, како и градинките, денеска се затворени во областа Атика, на Халкидики, како и на островите Евија, Самос, Крф и Икарија.