Израелските медиуми проценуваат дека денеска повеќе од 150 000 луѓе присуствувале на антивладините протести ширум земјата кои беа најмасовни во Тел Авив
Протестите против ремонтот на судството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не покажаа знаци на смирување и вечерва и покрај тоа што премиерот неделава реформата ја стави во мирување. Десетици илјади излегоа на улиците барајќи нејзино целосно укинување, јави Ројтерс.

Обземен од домашните немири и изразите на загриженост и неодобрување во Вашингтон, Нетанјаху во понеделникот ја паузираше правосудната реформа за да дозволи преговори за компромис меѓу неговата верско-националистичка коалиција и опозициските партии.

„Не веруваме во ништо што излегува од устата на Биби (Нетанјаху). Веруваме дека тоа е само политички трик со цел да се запре протестот“, вели еден од демонстрантите.
Една од главните точки на расправа е притисокот на владејачката коалиција за поголема моќ при назначувањето судии, вклучително и во Врховниот суд.

Нетанјаху, на кој му се суди по обвиненијата за корупција што тој ги негира, вели дека се потребни реформи за да се балансираат гранките на власта. Неговата партија и политичките сојузници во екстремната десница ја повикуваат својата политичка база да организира контра демонстрации.

Израелските медиуми проценуваат дека денеска повеќе од 150 000 луѓе присуствувале на антивладините протести ширум земјата, кои беа најмасовни во Тел Авив.
„Ќе победиме бидејќи ова не е нешто со кое можеме да живееме. Не можеме да живееме во држава која не е демократска“, рече еден од демонстрантите.