При руски воздушни напади врз станбена област во Харков во текот на ноќта, загинаа шест лица, вклучувајќи и мало дете, а 20 други се повредени, соопштија украинските власти
Според руските власти, пак, високиот руски командант, генерал-полковник Еседула Абачев, е сериозно повреден на бојното поле во Украина

Пред состанокот во Белата куќа на бојното поле нема затишје. Денеска руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 27 украински беспилотни летала, додека Украинците изјавија дека Русите лансирале четири балистички ракети и 140 беспилотни летала.
При руски воздушни напади врз станбена област во Харков во текот на ноќта, загинаа шест лица, вклучувајќи и мало дете, а 20 други се повредени, соопштија украинските власти.

Како што информира гувернерот на Харков, вториот по големина град во Украина, Олех Синехубов, убиено е двегодишно момче при нападот извршен со беспилотно летало. „Бројот на повредени лица во нападот во Харков продолжува да расте“, изјави Синехубов.
Харков, кој се наоѓа во североисточна Украина, во близина на границата со Русија, е редовна цел на руски напади со беспилотни летала и ракети од почетокот на војната што Москва ја започна со голема инвазија во февруари 2022 година.

Според руските власти, висок руски командант е сериозно повреден на бојното поле во Украина. Генерал-полковник Еседула Абачев е висок командант на руската армија, а на фронтот е од почетокот на војната, изјави Сергеј Меликов, шеф на руската република Дагестан, родната земја на Абачев.
„Тој извршуваше неколку важни командни должности, но секогаш беше на самиот фронт, на најодговорните позиции, а со тоа и на најопасните делови (од фронтот)“,
напиша Меликов на Телеграм без да даде детали за состојбата на Абачев.
Во експлозијата што се случи во фабрика во рускиот регион Рјазан минатата недела загинале најмалку 20 лица, а 134 се повредени, соопштија денеска локалните служби за итни случаи. Гувернерот Павел Малков изјави дека инцидентот е предизвикан од пожар што избувнал во една од работилниците во фабриката.
Сепак, според извештаите на руските медиуми не е јасно што го предизвикало пожарот или што точно се произведувало во фабриката. Официјални руски извори не дадоа никакви детали освен дека се трага по повредени, а пронајдените се на лекување.
„Во несреќата загинаа 20 лица, а 134 се повредени, од кои 31 се во болници во Рјазан и во Москва, додека 103 пациенти се лекуваат амбулантски“,
соопшти на Телеграм локалниот штаб на службите за итни случаи.