Над 500 луѓе во Нов Јужен Велс беа спасени од поплавите, кои се најголеми во регионот во последните 104 години. Премиерот на покраината, Крис Минс, изјави дека во текот на следното деноноќие во некои области може да наврнат до 30 сантиметри дожд. Тој додаде дека 50 000 луѓе се предупредени да се подготват за евакуација
Најмалку две лица загинаа во поплавите во источниот австралиски крајбрежен регион, а уште две се водат како исчезнати, додека метеоролозите прогнозираат дека обилните дождови ќе продолжат.

Над 500 луѓе во Нов Јужен Велс беа спасени од поплавите, кои се најголеми во регионот во последните 104 години. Премиерот на покраината, Крис Минс, изјави дека во текот на следното деноноќие во некои области може да наврнат до 30 сантиметри дожд. Тој додаде дека 50 000 луѓе се предупредени да се подготват за евакуација.
Спасувачките служби во Нов Јужен Велс соопштија дека во средата попладне било извлечено телото на 63-годишен маж од поплавена куќа во Мото. Утрово било пронајдено и телото на млад маж, кој исчезнал во средата навечер додека се обидувал да помине низ поплавена крстосница.
Локалната полиција соопшти за најмалку две лица кои се водат како исчезнати.

Министерот за вонредни состојби на Нов Јужен Велс, Џихад Диб, изјави дека во текот на последното деноноќие биле спроведени 300 спасувачки операции. Хеликоптери извлекувале луѓе кои биле принудени да излезат на своите покриви и тераси за да се спасат од надојдените води.
Владиниот експерт за метеорологија Ангус Хајнс објасни дека од понеделникот наваму атмосферскиот притисок во поплавениот регион е понизок од вообичаениот, поради тоа што на некои места наврнале до 60 сантиметри дожд.