Меѓу загинатите има и деца, а надлежните служби успеале да спасат едно десетгодишно момче кое било заглавено во т.н. „воздушен џеб“ во трупот на превртениот брод во заливот Ха Лонг
Најмалку 37 лица загинале, а неколку сè уште се водат како исчезнати откако туристички брод се превртел во крајбрежниот дел на Виетнам поради лоши временски услови, пренесе Би-би-си.

Инцидентот се случил во заливот Ха Лонг, кој е популарна туристичка дестинација на северот на земјата, а повеќето патници, според извештаите, биле семејства од Виетнам кои биле во посета на главниот град Ханој.
Од виетнамската гранична стража и морнарицата соопштиле дека бродот со име „Вондер сис“ превезувал 53 лица во моментот кога се превртел откако наишол на ненадејна бура.
Силниот дожд кој ја зафатил областа, според спасувачите, предизвикува тешкотии во потрагата по преживеани, но и покрај лошите временски услови и водите на заливот живи биле извлечени 11 лица.
Очевидец на настанот за новинската агенција АФП изјави дека сè се случило околу 14 часот според локално, односно 8 часот според средноевропско време, кога небото над заливот одеднаш се затемнило.
„Имаше град голем колку палци на прсти со пороен дожд, грмотевици и молњи“,
рекол тој.
Според локалните медиуми, надлежните успеале да спасат десетгодишно момче кое било заглавено во т.н. „воздушен џеб“ во превртениот труп на бродот.
„Длабоко воздивнав… нурнав, потоа отпливав. Дури и викнав за помош, а потоа ме извлекоа со чамец“,
изјавило детето, кое патувало со своите родители, за државниот медиум „Виетнам нет“ (VietnamNet).
Од досега пронајдените тела, најмалку осум се деца, објавил локалниот медиум Ви-ен експрес (VNExpress).
Според најавите на надлежните служби во Виетнам, потрагата по лицата кои се водат како исчезнати ќе продолжи и во текот на денот.
Премиерот на земјата, Фам Мин Чин, им упатил сочувство на семејствата на загинатите, а во соопштението од неговиот кабинет било наведено дека властите ќе ги истражат причините за несреќата и ќе реагираат строго доколку имало некакви прекршувања на протоколите за пловидба.
Инаку, Заливот Ха Лонг во покраината Куанг Нин е преполн со стотици мали островчиња и е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Заливот во 2019 година го посетиле четири милиони туристи, наведува Би-би-си.