Палестинците ги оценија овие напади како најтешки од стапувањето во сила на втората фаза од примирјето што го договори американскиот претседател Доналд Трамп во октомври минатата година

Најмалку 32 лица се убиени во израелските воздушни напади во Појасот Газа, објави Палестинската агенција за цивилна заштита.
Портпаролот Махмуд Басал изјави дека четиринаесет лица се убиени при нападот врз полициската станица во округот Шеик Радван северно од градот Газа. Уште седум се убиени јужно од Газа кога бил отворен оган врз шатор во кој биле сместени раселени лица.

Палестинците ги оценија овие напади како најтешки од стапувањето во сила на втората фаза од примирјето што го договори американскиот претседател Доналд Трамп во октомври минатата година.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека ги нападнала командантите и инфраструктурата на терористичките организации Хамас и Исламски џихад во Газа. Меѓу целите биле складиште за оружје, простор за ракување со оружје и две лансирни рампи.

И Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за кршење на примирјето откако стапи во сила минатата година.
