Поројниот дожд во саботата вечерта предизвика одрон на планината во местото Лас Техериас, 67 километри југозападно од Каракас, со себе влечејќи камења, кал и дрвја низ населбите и оштетувајќи ги објектите и обработливото земјиште. Најмалку 25 лица загинаа, а 52 се водат за исчезнати
Најмалку 25 лица загинаа, а 52 се водат како исчезнати откако коритата на пет мали реки во централна Венецуела се поплавија поради обилните дождови предизвикувајќи лизгање на земјиштето, соопштија властите во неделата, пишува Ројтерс.
Поројниот дожд во саботата вечерта предизвика одрон на планината во местото Лас Техериас, 67 километри југозападно од Каракас, со себе влечејќи камења, кал и дрвја низ населбите и оштетувајќи ги објектите и обработливото земјиште.
Улиците на Техеријас, град со околу 73 000 жители, се полни со кал, камења и заплеткани гранки од дрвја.

„Имаше голем одрон во централното подрачје на Лас Техеријас каде што се излеаја пет потоци. Сè уште има затрупани луѓе. Се обидуваме да ги спасиме, да ги спасиме живи“,
рече заменик-претседателката на Венецуела, Делси Родригез.

Родригез рече дека приоритет е да се лоцираат луѓето кои сè уште се заробени под кал и камења низ градот, додека војската и спасувачкиот персонал ги пребаруваат бреговите на реките за да пронајдат преживеани.
За луѓето што ги изгубиле своите домови, додаде таа, ќе бидат обезбедени засолништа.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во твит објави дека ја прогласил областа за зона на катастрофа и дека прогласил тридневна жалост.

Во Венецуела од почетокот на годината има натпросечни врнежи, што се припишува на временскиот феномен Ла Ниња, кој предизвикува заладување на делови од површинските води на Пацификот.