Министерот за здравство на Индија изјави дека во авионската несреќа загинале многу луѓе, што е прва потврда за жртви во несреќата, но засега официјално не е соопштен бројот на загинатите и повредените
Во авионот на „Ер Индија“ што се урна по полетувањето од индискиот град Ахмедабад кон Лондон, имало вкупно 242 лица, вклучувајќи двајца пилоти и 10 членови на екипажот. Најголем дел од патниците, односно 169, биле индиски државјани, 53 биле Британци, седум од нив биле Португалци и еден Канаѓанец.

Несреќата се случила кога патничкиот авион Боинг 787 кратко по полетувањето од аеродромот во западноиндискиот град Ахмедабад се урнал во зграда на лекарски дом. Авионот бил на пат кон Лондон.
Министерот за здравство на Индија изјави дека во авионската несреќа загинале многу луѓе, што е прва потврда за жртви во несреќата, но засега официјално не е соопштен бројот на загинатите и повредените.

Премиерот на Индија, Нерендра Моди, рече дека трагедијата ги шокирала и растажила сите.
„Трагедијата е срцепарателна, не може да се опише со зборови. Моите мисли се со сите засегнати. Во контакт сум со министрите кои обезбедуваат помош за погодените“,
изјави Моди.

Во врска со трагедијата се огласи и британскиот премиер Кир Стармер кој рече дека сцените од падот на авионот во кој биле многу британски државјани се катастрофални.
„Моите мисли се со патниците и семејствата на патниците на летот на ‘Ер Индија’, кој леташе за Лондон и се урна во Ахмедабад. Добивам информации за тоа како се развива ситуацијата“,
рече Стармер.
За несреќата е информиран и кралот Чарлс Трети.
Претставници на полицијата соопштија дека авионот се урнал по полетувањето, во цивилна зона во близина на аеродромот во индискиот град Ахмедабад. Според веб-страницата за следење летови „Флајт радар“, сигналот бил изгубен на помалку од една минута по полетувањето, кога авионот бил на височина од околу 190 метри.