Со помош на Швајцарската амбасада до Клиниката за инфективни болести во Скопје поставена е монтажната болница за ковид-19, со што двојно се зголемени капацитетите за третман на пациенти со коронавирус, информираат од Министерството за здравство.

На денешната посета на која присуствуваа министерот за здравство Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, надлежните изразија благодарносто за помошта и најавија дека во иднина монтажната болница ќе се користи како Ургентен центар на Инфективната клиника.

„Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје e поставена во рамки на мерките преземени против коронавирусот. Тоа беше реализирано во рекорден рок од само 14 дена, иако рокот за изведба беше 21 ден. Таа ќе се користи како ковид центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба“,
изјави Филипче.

Монтажната болница има капацитет од 72 легла, целата структура е поврзана со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а од Министерството за здравство велат дека во периодот кој следи ќе биде доопремена и со потребната немедицинска опрема.

„Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Солидарноста и одговорноста се клучен дел од нашата традиција врз која ја темелиме долгогодишната соработката со нашите партнери. Нашата развојна програма е флексибилна да одговори на вистинските потреби, особено во време на криза. Со големо внимание ги следиме случувањата во земјата, и со задоволство прифативме да помогнеме на Министерството за здравство во доопремувањето на модуларната болница со „монтажни модули“, кои во соработка со Министерството за локална самоуправа, ги обезбедивме преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“,
изјави Зутер Техада.
