„Изразив благодарност и за значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји“, напиша тој на Фејсбук
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска соопшти дека остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер, на која ѝ изразил благодарност за севкупниот ангажман во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.

„Изразив благодарност и за значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји“,
напиша тој на Фејсбук.
Според министерот, на средбата тој и амбасадорката изразиле заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Посочи и дека размениле и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици.
„Уште еднаш ја потврдивме заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО“,
вели Муцунски.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во декември минатата година одлучи да отповика амбасадори и дипломати од речиси 30 земји во светот, назначени од неговиот претходник Џо Бајден. Освен Македонија, други европски земји кои се засегнати се Црна Гора, Словачка и Ерменија.
Амбасадата на САД во Северна Македонија потврди дека амбасадорката Анџела Агелер е меѓу дипломатите ширум светот кои Трамп одлучи да ги отповика од функциите.
„Длабоко сме ѝ благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и на нашите дипломатски односи“,
пишува во соопштението од Амбасадата на САД.
