Овој потег е во пресрет на двегодишнината од нашето членство на Алијансата, а шефот на дипломатијата порачува дека Северна Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и дека со партнерите од НАТО се обединети и одлучни да одговорат на актуелните предизвици предизвикани од руската инвазија на Украина

Во пресрет на одбележувањето на двегодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО, зградата на Министерството за надворешни работи (МНР) светна во плаво-бело – боите на знамето на Алијансата.
Фотографија од осветлената зграда, на социјалните мрежи објави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Да се биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно постигнување и цврста гаранција за нашата безбедност и просперитет. Северна Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен чинител во глобалните безбедносни политики“,
вели Османи.
Министерот во објавата ја споменува и руската инвазија на Украина порачувајќи дека со нашите НАТО партнери сме обединети и одлучни заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици предизвикани од ситуацијата, како и да го дадеме придонес за зачувување на светскиот мир и стабилност.