Шефовите на македонската и на германската дипломатија, Бујар Османи и Аналена Бербок, на утрешната средба се очекува да разговараат за пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија и за спроведувањето на уставните измени што земјава го презема како обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата
Зградата на Министерството за надворешни работи (МНР) вечерва свети во боите на германското знаме во пресрет на утрешната посета на земјава од страна на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

Фотографијата е објавена на официјалната фејсбук-страница на македонското МНР, а под неа пишува:
„По повод на утрешната посета на сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок, на Северна Македонија, зградата на Министерството за надворешни работи е осветлена со боите на германското знаме. Германија продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на регионот“,
се наведува во објавата на македонското МНР.
Претходно денеска од Министерството за надворешни работи соопштија дека шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок утре ќе престојува во официјална посета на земјава, на претходна покана на министерот Бујар Османи.
Разговорите меѓу двајцата министри, како што соопштија од МНР, ќе бидат насочени кон пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија и спроведувањето на уставните измени што земјава го презема како обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата.
„Посетата на германската министерка Бербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија“,
посочија од МНР.
Освен со шефот на дипломатијата, германската министерка се очекува да оствари средби и со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери.
Покрај со државниот врв, Бербок треба да се сретне и со претставници на опозициски партии. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека состанок ќе има и со партискиот лидер Христијан Мицкоски.
