Оваа прилика, како што рече премиерот, ја користи за лобирање на македонските интереси и политики
Пред утрешното одржување на Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст, премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги пречека лидерите од регионот и ЕУ што допатуваа во Скопје.

На својот фејсбук-профил објави фотографии од пречекот на еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, од премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, албанскиот премиер Еди Рама, Албин Курти, косовскиот премиер Албин Курти и неколкумина други учесници на уштешниот Самит.
„Вечерва имав чест да сум домаќин на лидерите на државите од Западен Балкан и ЕУ. Скопје е домаќин на важен настан“,
напиша тој на Фејсбук.
Потоа, додаде дека оваа прилика ја користи за лобирање на македонските интереси и политики.
Попладнево, Мицкоски имаше средба со Кос во Владата, на која ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во Европската Унија, достоинствено и преку спроведување на суштинските реформи во областите на владеење на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Утре во рамки на лидерската средба ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Посетата на еврокомесарката за проширување на земјава минатата недела ја најави Европската комисија која соопшти дека Кос доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.