На средбата со унгарскиот премиер, како што вели Мицкоски, тие ја потенцирале и потребата од економска соработка и борбата против корупцијата и криминалот како регионален предизвик

За време на престојот во Блед (Словенија) каде се одржува Генералното собрание на Центристричката демократска интернационала (ЦДИ), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретна и со унгарскиот премиер и претседател на владејачката Фидес, Виктор Орбан, со кого договориле соработка за изборната програма за следните избори во земјава.
Како што објави Мицкоски, разговарале и за други теми, меѓу кои и за тоа дека е потребна борба против корупцијата и криминалот во регионални рамки.

„Разговаравме за регионот и прашања поврзани во интеграциите на Македонија во ЕУ. Ја потенциравме потребата од економска соработка и борбата против корупцијата и криминалот како регионален предизвик. Со премиерот на Унгарија Виктор Орбан договоривме заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и ФИДЕШ за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на изборната програма за претстојните избори“,
вели Мицкоски.
Освен со Орбан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оствари средби и со лидери на други сестри партии, меѓу кои и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ. И со него, како што соопшти Мицкоски, договориле соработка за изработка на изборната програма за следните избори.