Од фотографиите може да се забележи дека на масата покрај премиерот седат претседателката Сиљановска-Давкова, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во хотелот „Хилтон“ приреди ручек по повод претстојниот верски празник Велигден, а на кој, меѓу другите, присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова , поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, министри во Владата, пратеници, градоначалници и претставници на медиумите.

Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил сподели фотографии од Велигденскиот ручек наведувајќи дека настанот ги обединил претставниците на институциите и општествениот живот во заедничко славење на вредностите што ги носи празникот.
Од фотографиите може да се забележи дека на масата покрај премиерот седат претседателката Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи. Меѓу другите присутни, можат да се забележат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
„Денес, во духот на големиот христијански празник Велигден, организирав свечен Велигденски ручек, исполнет со топлина, заедништво и почит кон традицијата. Овој значаен настан ги обедини претставниците на институциите и општествениот живот во едно заедничко славење на вредностите што Велигден ги носи – надежта, љубовта, простувањето и новиот почеток. Во атмосфера на меѓусебно разбирање и почит, се испрати силна порака за единство, солидарност и заедничка грижа за доброто на сите“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.

Осврнувајќи се на празникот, премиерот додава дека Велигден нè потсетува дека токму преку сплотеноста и човечноста можеме да ги надминеме сите предизвици и да изградиме подобра иднина за нашата држава.
„Со оваа свеченост, уште еднаш се потврди определбата за негување на традицијата и зајакнување на заедничките вредности што нè поврзуваат како народ“,
вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така преку објава на социјалната мрежа, сподели впечатоци наведувајќи дека овој конструктивен настан бил можност за зајакнување на институционалната соработка, во духот на меѓусебното почитување и вредностите што нè обединуваат.
„Имав задоволство, на покана на премиерот Христијан Мицкоски, да учествувам на традиционалниот ручек по повод празникот Велигден. Овој конструктивен настан беше можност за зајакнување на институционалната соработка, во духот на меѓусебното почитување и вредностите што нè обединуваат. Посакав овој празник да донесе мир, здравје и разбирање за сите граѓани“,
вели Гаши.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, пак, објави дека во духот на празникот овој настан со заедничка посна трпеза бил симбол на заедништво, почит и христијански вредности кои нѐ обединуваат како народ.
„Денес, на Велика Среда, во пресрет на најсветлиот христијански празник и радосната вест за Христовото Воскресение, присуствувавме на Велигденски ручек во организација на Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Во духот на празникот, овој настан со заедничка посна трпеза, беше симбол на заедништво, почит и христијанските вредности кои нѐ обединуваат како народ. Во пријатна и достоинствена атмосфера, се споделија мисли за верата, надежта и солидарноста, како темели врз кои ја градиме нашата заедничка иднина“,
напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Градоначалникот на Скопје на крајот на објавата порачува овие празнични денови да донесат мир во душата, љубов во срцата и сила за нови добри дела.
