Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Крушево порача дека и денеска македонскиот народ се бори за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина и дека Илинден е темел на нашиот идентитет и борба за државност
„Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите, знајте дека под маса договараат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија“, изјави Мицкоски

фото: фејсбук-профил на Христијан Мицкоски
Илинден за сите нас претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност. Ден за кој многу наши браќа и сестри во минатото го положиле својот живот, ја дале својата крв за да можеме ние денеска слободно да живееме во независна држава Македонија. Ова го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Мечкин камен во Крушево.
„И овој ден Илинден претставува водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата држава Македонија во иднина. А само тоа место Мечкин Камен одекнува и денеска, има големо и силно значење и денеска, затоа што во една нерамноправна борба четата на војводата Питу Гули, борејќи се со повеќеброен аскер, го положи својот живот, даде жртва за слободата која ние денеска ја живееме“,
рече Мицкоски.

Тој смета дека и денеска македонскиот народ покажува пркос и знае за што се бори – се бори за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина, рече Мискоски.
„Тоа е онаа порака што денеска од мое име, од името на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од ова место, од Мечкин Камен, ја упатува до сите граѓани во Македонија. Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите, знајте дека под маса договораат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија“,
вели Мицкоски.

Мицкоски смета дека кога граѓаните во Македонија се единствени, дури ни, како што рече, таков тип политичари немаат никаков ефект и ништо не можат да направат.
„Само единствени ќе дојдеме до посакуваната цел, а тоа е Македонија која ќе биде просперитетна, Македонија – мајка на сите граѓани, развиена, европска земја“,
рече тој.