Кузеска вели дека според сметките се гледа дека главни кафанџии се, како што ги нарече, Дон Тимчо Муцински, Дон Филков, како и министерот за култура, Дон Љутков
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска на прес-конференција соопштија дека во првите четири месеци од годинава, владините функционери потрошиле над 30 илјади евра во скапите скопски ресторани. Посочија и дека гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри.
Како што рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, сметките се запрепастувачки и се јавно достапни на „Отворени финансии“.

„Секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10 илјади евра од буџетот на кафеани, додека им објасниваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот. Нема пари за плати, но има за гоштевања на министрите. Ова не е расипништво, ова е изживување. Ова не е власт, ова е елита што се изолирала од сопствениот народ“,
рече таа.
Кузеска вели дека според сметките се гледа дека главни кафанџии се, како што ги нарече, Дон Тимчо Муцински, Дон Филков, како и министерот за култура, Дон Љутков.
„Сите трошат како мафијаши. Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата, плаќа баснословни суми по кафеани. Културните работници да знаат дека додека немаат плати, барем министерот не бил гладен“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Според неа, границите ги поминуваат нивните приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго.






Од СДСМ на 1 Мај порачаа дека ќе ја разобличуваат оваа власт во одбрана на граѓаните и работниците.