Откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа транспорт на тенкови, „360 степени“ се обрати до Министерството за одбрана од каде, според одговорот, потврдуваат дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина
Од МО велат дека станува збор за трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа, а дополнително за нивно уништување во земјава ќе се потрошат пари што, како што велат, е нецелисходна активност за нашата Армија
Северна Македонија ѝ донира тенкови на Украина, која бараше од западните и НАТО-партнерите да ѝ помогнат со воена опрема.
Информацијата за донацијата ја потврдуваат и од Министерството за одбрана (МО) каде упативме прашања откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои може да се види дека се врши транспорт на тенкови.
Од МО посочуваат дека согласно владините одлуки во неколку наврати е донирана воена опрема на Украина и фека тоа било во координација со сојузниците, при што повторуваат дека Северна Македонија како членка на НАТО го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, како и дека остро ја осудува руската агресија.
Според одговорот што го добивме, последната донација, од чиј транспорт се појавија видеоснимките на социјалните мрежи, се состои од тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Од МО велат дека станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”. Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
„Би сакале да посочиме дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на Република Северна Македонија во наредниот период ќе се изврши трансформација односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата, а реализацијата на овие планови веќе е во тек. Исто така, согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 г. наведено е дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети. Имајќи ја во предвид ваквата фактичка состојба, како и побарувањата од страна на Министерството за одбрана на Украина, Владата донесе одлука да ѝ донира на Украина одредена количина од овие капацитети кои им се неопходни за нивни потреби“,
велат од МО.
Во врска со модернизацијата на Армијата и набавката на нова опрема, од Министерството потсетуваат дека веќе се спроведува проектот „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, кој се реализира согласно договорот што го потпишаа владите на САД и Северна Македонија во 2019 година. Токму во рамки на овој проект пред пет дена на пристаништето во Солун пристигнаа и првите шест „JLTV“ лесни оклопни возила за нашата Армија.
Оваа испорака, како што оценуваат од МО, е сериозен исчекор во модернизацијата и опремувањето на Армијата согласно НАТО стандардите. Пристигнатите оклопни возила ќе ги користи Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која инаку е наша НАТО единица и се замена за застарените тенковски капацитет кои нема да бидат дел од армиската формација.
„Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија се во процес на реформа и модернизација кој предвидува динамична набавка на современа техничко-технолошка опрема во согласност со цврсто определени приоритети, приоритети за остварување на соодветни НАТО-цели на способности во согласност со НАТО-утврдената методологија за доктринарност, организираност, обука и образование, материјална поддршка, лидерство, персонал, инфраструктура и интероперабилност“,
велат од МО.
Целта на целиот овој процес, како што објаснуваат, е да се создаде одбранбен сектор кој е финансиски прифатлив и одржлив, како и модерна и флексибилна армија со нова структура и намалена бројна состојба што ќе биде способна да ги извршува мисиите предвидени со Уставот и националните стратешки документи и задачите произлезени од НАТО-стратегискиот концепт.