Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во моментов ја прославува победата на првиот круг избори за градоначалник на општината. Тој дојде во центарот на градот со поголем број свои поддржувачи.




„Советничката листа на концептот на граѓаните ‘За наше Куманово’ е убедлив победник на овие избори. Како независен кандидат повторно поддржан од граѓаните водам убедливо во првиот круг и очекувам на 31 октомври да добиеме уште поголема поддршка од граѓаните и да го потврдиме тоа. Досега од вкупниот број на избирачките места коишто ги имаме обработено, концептот ‘За наше Куманово’ победува на повеќе од 70 отсто од гласачките места. Успеавме заедно со граѓаните на Куманово да ги победиме сите политички субјекти во градот, но за жал бевме соочени со големи притисоци. Дефинитивно се потврди тоа што го кажувавме цело време, дека МВРО не е минато во оваа држава, туку е МВРО на квадрат, но со ‘О’ на квадрат назад, и ќе им го вратиме МВР во вистинските рамки на граѓаните со потврдувањето на оваа победа на 31 октомври.
Ние ја добивме најголемата поддршка од граѓаните на Куманово, без разлика на нивната партиска припадност. Нашиот концепт е од граѓаните за граѓани. Нашата цел е да ја добиеме поддршката, да бидеме легитимни претставници на сите граѓани на нашиот град. Секоја политичка поддршка е добредојдена, а оттука па натаму граѓаните се тие што ќе одлучуваат. Во вториот круг граѓанскиот концепт ‘За наше Куманово’ ќе победи убедливо за Куманово и кумановци. Ќе ставиме крај на многу лоши навики во нашиот град и нашето општество. Македонија има право и мора да се менува. Куманово го следи трендот и секогаш било предвесник на големи промени“,
изјави Максим Димитриевски
Според изјавата на Димитриевски, во Куманово ќе има втор круг на гласање за градоначалник, каде што противник веројатно ќе му биде Оливер Илиевски од СДСМ. Максим Димитриевски е актуелен градоначалник на Куманово и на таа позиција беше избран пред четири години, токму како кандидат на СДСМ. Сепак, на овие избори, владејачката партија реши да не го кандидира Димитриевски, туку Оливер Илиевски. Димитриевски се спротивстави на одлуката на партијата и најави независна кандидатура. СДСМ, согласно Статутот, потоа го исклучи од партијата.
Свој кандидат во Куманово имаше и најголемата опозициска партија во земјата, ВМРО-ДПМНЕ. Но, само што започна кампањата, партијата објави дека нивниот кандидат, актерот Тони Михајловски, заболел од ковид-19. Така, тој практично немаше теренска кампања. Затоа во вториот круг, токму гласачите на ВМРО-ДПМНЕ може да се покажат како пресудни за исходот од вториот круг.