Капитенот Кузмановски со девет гола беше најефикасен во македонските редови, а Мартин Томовски запиша пет интервенции на голот
Во драматичен натпревар во кој резултатот беше решен во последната секунда македонската ракометна репрезентација вечерва во Хернинг ја совлада Романија со 24:23. Сега останува нашите најдобри ракометари да го чекаат исходот од завршниот дуел од групата Б и да се надеваат кодомаќинот Данска со двоцифрена разлика да ја совлада Португалија, што би нè оставило во игра во натамошниот тек од првенството.

Инаку, со вечерашниот триумф над Романија, по ремито со Португалија и воведниот пораз од Данска, македонската репрезентација обезбедија статус на носител во ждрепката за плејофот за следното Светско првенство.
Што се однесува до текот на мечот, ракометарите на Македонија беа во постојана резултатска предност која на полувремето изнесуваше плус четири гола, а во неколку наврати достигнуваше и највисоки пет. Сепак, темпото во играта на македонската репрезентација падна во завршните 15 минути и во драматична завршница Костески со гол во последната секунда донесе минимална победа.
Избраниците на Кирил Лазаров фуриозно го отворија натпреварот со ефикасен напад и гранитна одбрана.
По воведните 3:0 во петтата минута, голот на Костески минута подоцна беше поништен поради престап, а во следниот напад Велкоски не реализираше во ситуација еден на еден со романскиот голман.
Сепак, капитенот Кузмановски беше прецизен за почетни највисоки 4:0 пред Романците да го постигнат својот прв гол на натпреварот преку Станчук од пенал во 11. минута.
На средина на полувремето, предноста на Македонците изнесуваше 6:3, а со идентична предност (10:7), натпреварот влезе во завршни пет минути од полувремето.

Ѓоргиев во продолжение изнуди исклучување и седмерец кој Кузмановски го реализира за плус четири разлика, а Пешевски во 28. минута беше прецизен за највисоки пет гола разлика во наша корист (12:7).
Романците одговорија со серија од 2:0, но Костески по „цепелин“ со Џонов беше прецизен во завршниот напад за предност на полувремето од четири гола разлика (13:9).
Митев го реализира првиот напад по паузата за предност од пет гола, а во продолжението Костески и Пешевски не реализираа од изгледи позиции, што Романците го искористија да ја намалат негативата на 15:12.
Уследи криза во играта на македонскиот состав принудувајќи го Лазаров да побара тајмаут во 46. минута при водство од 19:17.
Кузмановски со удар од седум метри зголеми на 20:17, а откако Аларов веќе во следниот напад на Романците доби црвен картон, уследија уште две исклучувања во македонските редови и серија неискористени напади кон романскиот гол.
Романија во 57. минута првпат дојде до израмнување на резултатот (22:22), но Кузмановски од седум метри во завршната минута го врати водство (23:22) во период кога македонската репрезентација повеќе од шест минути беше без постигнат гол.
Романците го реализираа последниот напад за израмнување 23:23 на седум секунди до крајот, кои, сепак, беа доволни за брз напад на македонската репрезентација и реализација на десното крило Костески со звукот на сирената за конечни 24:23.

Капитенот Кузмановски со девет гола беше најефикасен во македонските редови, а Мартин Томовски запиша пет интервенции на голот.
