Зорица Ѓорчевска раскажа детали од моментот кога класната раководителка на Вања ја известила дека девојчето не е на училиште, првичната потрага што ја направиле со таткото на девојчето, Александар, на местото каде што била последната локација на телефонот на Вања, пријавувањето во полицијата и натамошната потрага
Мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска, утринава пристигна во Основниот кривичен суд Скопје каде што во моментов сведочи на денешното рочиште од судењето за двојното убиство на 14-годишното девојче и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Ѓорчевска во Судот пристигна во друштво на својата адвокатка.

Ѓорчевска одговара на директни прашања на обвинителката, која прво ја прашуваше за станот во кој живеле на улицата „Наум Наумовски Борче“ и околу неговата сопственост.
Беше прашана што се случувало критичниот ден на 27 ноември кога исчезнала Вања.
Ѓорчевска раскажа детали од моментот кога класната раководителка на Вања ја известила дека девојчето не е на училиште, првичната потрага што ја направиле со таткото на девојчето, Александар, на местото каде што била последната локација на телефонот на Вања, пријавувањето во полицијата и натамошната потрага.

На денешната расправа е предвидено да сведочат и роднини на велешанецот Жежовски.
Во Судот се обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Обвинетите на претходното рочиште се изјаснија за невини.