На грчкиот остров Родос пожарот е активен веќе деветти ден, а вчера огнените јазици беа многу блиску до села во југоисточниот дел
Лоцирани се остатоците од „канадерот“ што вчера се урна на грчкиот остров Евија – несреќа во која загинаа двајцата пилоти

Фото: EPA-EFE/DAMIANIDIS LEFTERIS
Уште една ноќ пожарникарите и волонтерите на грчките острови Родос и Крф се бореа со огнената стихија, со оглед на тоа што пожарите сѐ уште се надвор од контрола, а од рано утрово повторно се интервенира од воздух.
На Родос пожарот е активен веќе деветти ден, а вчера огнените јазици беа многу блиску до села во југоисточниот дел на островот.

Фото: EPA-EFE/DAMIANIDIS LEFTERIS
Слична е ситуацијата и во северниот дел на островот Крф, каде што во текот на вчерашниот ден имаше неколку разгорувања на активните жаришта во близина на населени места кои превентивно беа евакуирани.
На островот Евија рано утрово состојбата со пожарот е значително подобрена. Во гаснењето на пожарот во јужниот дел на островот, вчера кусо пред 15 часот се урна грчки авион „канадер“, а животот го загубија двајцата пилоти на возраст од 27 и 34 години. Лоцирани се остатоците од леталото.

Фото: EPA-EFE/GEORGE VITSARAS
Поради трагичниот настан, во грчката армија е прогласена тридневна жалост, а премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, ја одложи официјалната посета на Кипар закажана за денеска.
Од Генералштабот на грчкото воздухопловство соопштија дека за време на воздушно гаснење на пожарот на Евија, во 14:52 часот се урнал авионот CL-215, при што загинале пилотот и копилотот.
Вчера пожарите зедоа уште една жртва. Пронајдено беше телото на 41-годишниот сточар кој исчезна во неделата.