Директор на одделот за патишта при Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Ќамил Фека, ни прати фотографии на кои може да се види дека сега во употреба е точниот меѓународен код – МК
Дека во Косово се употребува погрешна кратенка за земјава „360 степени“ извести минатата недела. Од пред две години, и „360 степени“ и други медиуми од земјава известуваат дека кратенката „НМК“ погрешно ја користи и соседна Србија, исто така на патни знаци. И по две години од првите реакции, спорните патни знаци не се сменети
По сторијата на „360 Степени“ дека на стариот пат Приштина-Скопје соседно Косово погрешно ја користи ознаката „НМК“ на патните знаци за земјава, истите се сменети и сега на тие табли стои ознаката МК. Фотографиите ни ги испрати Ќамил Фека, директор на одделот за патишта при Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово.


За погрешната употреба на НМК во Косово известивме минатата недела. Сторијата може да ја прочитате на линкот подолу.
Кога се обративме до домашното Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, не известија дека по добиените информации за употреба на погрешен меѓународен код за нашата држава на вертикалната патна сигнализација оставриле средба со амбасадорот на Република Косово во нашата земја.
„Од косовската страна е добиено уверување дека станува збор за ненамерен пропуст на службите задолжени за поставување патна сигнализација и дека пропустот ќе биде најитно коригиран“
рекоа од МНР (8 декември, 2025)
Случајот со таблите со погрешна меѓународна ознака за земјава е втор ваков случај во соседството. НМК, наместо МК стои на таблите на автопатот од Белград кон Скопје, во соседна Србија. Така е веќе подолго од две години.
Кога последен пат известувавме на темата, не добивме став од српските власти, додека од македонското МНР ни одговорија дека добиле одговор од српската страна дека станува збор за ненамерен пропуст на службите задолжени за поставување на патна сигнализација со уверување дека пропустот ќе биде коригиран во најскоро време.
„Веруваме дека соседна Србија,со која нашата држава негува одлични билатерални односи, ќе постапи по нашето барање, упатено во повеќе наврати од 2023 година наваму“
рекоа од МНР (ноември 2025 година)
Во јуни 2018 година, во Преспа, беше потпишан договорот со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу официјално Скопје и Атина. Главното беше што земјава прифати да го користи името Северна Македонија и дома и надвор, додека Грција ја призна придавката „македонски“ за јазикот и народот. Не беше најважно, но дел од договорот беа и употребата на меѓународните ознаки и кодови. Во членот 1, став 3-д, земјава направи отстапка за ознаката на регистарските таблички на возилата да се користи НМК, а Грција се согласи со дотогашниот код за Македонија во сите други случаи – МК и НМК.
