Премиерите на Чешка и Грција беа меѓу првите граѓани на своите држави кои ја примија вакцината против ковид-19; повеќе земји членки, пак, меѓу првите кои ги вакцинираа беа жители од домовите за стари лица; во Германија пилот леташе по маршрута со која трасираше инјекција
Земјите од Европската Унија (ЕУ) официјално ја почнаа вакцинацијата. Политичари, здравствени работници, возрасни лица се запишаа како првите кои ги примиле вакцините во различни земји во Европа.
Пораки и надеж дека ова е крајот на пандемијата и дека вакцината е клучот за победа и враќање на животот, можеа да се слушнат од првите граѓани на ЕУ кои ги примија првата од двете потребни дози за вакцинација.
Вакцините кои вчера се дистрибуираа во земјите-членки се од „Фајзер“ и „Бионтек“, за кои е потребно да се чуваат на температури од минус 70 степени Целзиусови. Пет од 27 земји-членки на ЕУ, не можеа да чекаат, па првите вакцини ги дадоа уште вчера, неколку часа по нивното пристигнувањето. Станува збор за Германија, Франција, Шпанија, Унгарија и Словачка. Сепак, официјалниот старт на ниво на Унијата беше денеска.
Покрај за вакцината што ја развија овие две компании, Европа обезбеди договори и за вакцините на „Модерна“ и „Астра Зенека“, кои дополнително треба да добијат дозвола од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Во продолжение пренесуваме кои беа првите вакцинирани во повеќе земји од ЕУ и какви пораки испратија.
Италија: „Ова е почеток на крајот“
Речиси 10 месеци откако го регистрираше првиот пациенти со ковид-19, а набргу стана и првото европско жариште на коронавирусот и беше една од најпогодените земји на Стариот континент, Италија денеска ги вакцинираше првите жители. Тројца здравствени работници во Рим утрово во 7:00 часот беа првите кои ја примија вакцината. Меѓу нив и 29-годишна медицинска сестра.

„Вакцинацијата помина многу добро, ова е возбудлив историски момент. Ова е почеток на крајот и се надевам дека ќе сум првата од над 60 милиони Италијанци кои ќе се вакцинираат“,
изјави 29-годишната Клаудија Аливернини за државната телевизија „Раи њус 24“.
Во Италија вчера пристигнаа 9 750 дози на вакцини, а уште 470 000 се очекува да пристигнат во текот на наредната недела. Вакцинацијата е бесплатна и доброволна, а први на списокот се здравствените работници и старите лица.
Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанса, на стартот на вакцинацијата порача дека ова е надеж за континентот, но граѓаните мора уште неколку месеци да бидат одговорни и да се придржуваат до мерките.
Чешка: Премиерот и ветеран од Втората светска војна први се вакцинираа
Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, е првиот граѓанин на оваа држава кој ја прими вакцината. Тој се вакцинираше во воената болница во Прага, а потоа вакцинацијата почна и во останатите болници во главниот град и во Брно, вториот чешки град по големина.

„Вакцината која пристигна од ЕУ е надеж дека ќе се вратиме во нормален живот“,
рече Бабиш пред да се вакцинира.
По Бабиш, се вакцинираше и 95-годишен ветеран од Втората светска војна.
И Чешка вчера прими 9 750 дози, а власти вкупно нарачаа речиси 16 милиони дози на вакцини и нивните очекувања се дека ќе се вакцинираат најголемиот дел од вкупно 10,7 милиони жители.
Возрасните ги добија првите вакцини во Франција и Австрија
Првата вакцина во Франција, пак, ја прими возрасна жена која е во категоријата на ризични групи. Како што објавија француските медиуми, прва се вакцинирала 78-годишна Французинка, која добила и аплауз откако ја примила вакцината.

„Јас сум трогната“,
изјавила жената.
По неа, се вакцинирал и 65-годишен кардиолог, а на списокот на француските здравствени власти за денеска се најдоа околу 20 постари лица и здравствени работници.
Претседателот Емануел Макрон, пак, преку социјалните мрежи порача дека „вакцините се ново оружје против вирусот, но мораме да издржиме, уште еднаш“.
Возрасни граѓани беа меѓу првите што се вакцинираа и во Австрија. Петмина пациенти кои се во ризичната група и имаат помеѓу 80 и 93 години, ги добија првите вакцини, а канцеларот Себастијан Курц порача дека со вакцинацијата започнува победата над пандемијата.
Грција и Бугарија: Функционерите се вакцинираа меѓу првите
Медицинска сестра од Одделението за интензивна нега во атинската болница „Евангелисмос“ и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица, беа првите грчки граѓани кои претпладнево ја примија вакцината.
Со насмевка на лицето и подигнат палец на раката, во знак дека сè е во ред, медицинската сестра Евстатиа Камбисиули се вакцинираше, а половина час подоцна тоа го направи и 88-годишниот Михалис Јованидис кој е сместен во дом за стари лица.
За да се испрати порака дека вакцината е безбедна, во Грција денеска се вакцинираа неколку функционери.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, беше прва од политичарите што ја примија вакцината, по што рече дека оваа година, за Божиќ најголемиот подарок е од науката.

„Многу е важно да се вакцинираме што е можно повеќе, секако во рамките на програмата што ќе се спроведува и со упатства на лекарите, за да можеме да победиме, да се извлечеме од оваа перипетија, да си ги вратиме нашите животи, да ја вратиме нашата слобода, повторно да се сретнеме, да ги прегрнеме нашите блиски“,
порача Сакеларопулу.
Половина час подоцна, но во друга болница во Атина, се вакцинираше и премиерот Кирјакос Мицотакис. Веднаш потоа, тој рече дека „денеска е важен ден за науката“, но и за ЕУ бидејќи успеа вакцината да ја достави во ист ден во сите земји и „во пракса да ја испрати пораката на европската солидарност“.

„Верувам дека денеска сите Гркинки и сите Грци сме со насмевки под нашите маски, бидејќи и во нашата земја започнува тешкиот подвиг за масовно вакцинирање на грчкото население“,
рече Мицотакис.
За утре, пак, е најавена вакцинацијата и на лидерот на опозициската Сириза, Алексис Ципрас.

И во Бугарија, меѓу првите се вакцинираше еден од функционерите. Во болницата „Света Ана“ во Софија, министерот за здравство Костадин Ангелов стана првиот Бугарин што ја примил вакцината против ковид-19, а потоа се вакцинираше и претставник на Бугарската православна црква (БПЦ).
Германија: 101-годишна Германка прва се вакцинираше, пилот трасираше инјекција
Германија вакцинацијата ја започна уште вчера. 101-годишната Едит Квоикала беше првата што ја прими вакцината. Таа е жител на дом за стари лица во регионот Саксонија-Анхалт, во кој 40 од 59 жителисе изјасниле дека сакаат да се вакцинираат.

Денеска, пак, во Баварија на неколку места се запре со вакцинацијата поради сомнежи дали вакцините се чувани на потребната температура од минус 70 степени целзиусови.
Денот во Германија го одбележа и летот на пилотот Сами Крамер кој со својот авион прелета 200 километри при што на небото трасираше инјекција за да ги потсети своите сограѓани на почетокот на вакцинацијата против коронавирусот.

Кога на мапата ќе се погледне маршрутата на авионот на Крамер, јасно е дека станува збор за шприц за инјектирање, што може да се провери и на веб-страницата flightradar24.
На стартот на вакцинацијата германскиот министер за здравство, Јенс Спан, порача дека „оваа вакцина е клучот за поразот над пандемијата и клучот да си ги вратиме животите во нормала“.
Шпанија: „Фала му на Бога“
96-годишата Арацели Хидалго, пак, беше меѓу првите Шпанци кои се вакцинираа против ковид-19.

„Фала му на Бога“,
рече таа.
Унгарија и Словачка, се останатите две земји, кои заедно со Франција, Германија и Шпанија, вчера ги дадоа првите вакцини. Во Унгарија, први кои примија вакцина се здравствените работници Централната болница во Пешта, во Будимпешта. Во Словачка пак, прв се вакцинираше Владимир Кркмери, член на владината Комисија за справување со пандемијата.