Дури и мртвите во Алтенар не беа поштедени од поплавите, ја почнува Си-ен-ен својата репортажа од Западна Германија по катастрофата која деновиве ги погоди, пред се, Германија и Белгија. Селските гробишта во местото се буквално однесени од надојдените води и лизгањето на земјиштето. Една жена стои крај гробиштата, известува телевизијата.

„Таму е мајка ми“,
вели Антоанета Штајнхоф за Си-ен-ен.
Не само гробиштата, туку поголемиот дел од Алтенар е срушен. Рестораните покрај брегот на реката се целосно уништени, а делови од куќите се буквално откорнати. Во некои делови на селото водата досигнува до средината на вториот кат. Улиците, или тоа што останало од нив, се закопани во кал. Такви слики може да се видат низ огромни делови на Западна Европа, по катастрофалните поплави што убија најмалку 160 луѓе, а уште стотици други се уште се водат за исчезнати.
На мапата подолу, најпогодените подрачја се означени со потемно сива боја

Најмалку 133 загинати има во Германија. Во Белгија потврдени се 27 починати, но надлежните велат дека треба да се очекува таа бројка да расте. И Луксембурт и Холандија беа погодени од дождовите, но засега немаат пријавено жртви. Фотографиите покажуваат дека цели градови и села се под вода. Автомобили се заглавени меѓу срушени згради. Куќи се под кал.







