ТППЕ Старо Нагоричане апелира до граѓаните да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња во општината
Автомобил во кој се наоѓале две лица утрово се заглави во надојдената вода на реката Пчиња кај селото Стрновец во Општина Старо Нагоричане. Пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане веднаш интервенирале и го извлекле автомобилот од надојдената вода на реката Пчиња.

„Денеска во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац во Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, интервениравме со едно возило и двајца пожарникари“,
се вели во соопштението на ТППЕ Старо Нагоричане.
Оттаму апелираат до граѓаните на Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња во општината.
„Доколку здогледате лице во опасност од временските услови, јавете се на телефонските броеви 031495666 или на 112 и 193“,
пишуваат од единицата.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска соопшти дека водостојот на реката Пчиња кај Пелинце од утрово е 120 сантиметри, а вчера бил 18 сантиметри, што претставува негов значителен пораст. Оттаму додаваат дека денешниот водостој е трипати повисок од просекот за ноември, кој изнесува 41 сантиметар.
