Засега не е познато колку луѓе имало во подморницата, јавува Би-би-си. Од компанијата што ги организира турите со подморницата „Оушнгејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions) соопштиле дека ги истражуваат сите опции за безбедно враќање на екипажот
Подморницата која ја користат туристи за обиколка на потонатиот брод „Титаник“ исчезна денеска во Атлантскиот Океан. Од бостонската крајбрежна страна соопштија дека во тек е операцијата за нејзино пронаоѓање.

Засега не е познато колку луѓе имало во подморницата, јавува Би-би-си.
Станува збор за локација на оддалеченост од околу 12 километри од канадскиот остров Њуфаундленд, на длабочина од 3 800 метри.
Од компанијата што ги организира турите со подморницата „Оушнгејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions) соопштиле дека ги истражуваат сите опции за безбедно враќање на екипажот.
„Целиот наш фокус е на членовите на екипажот во подморницата и нивните семејства“,
изјавиле од „Оушнгејт“ за британскиот национален сервис и додале дека работат на безбедно враќање на членовите на екипажот.
„Оушнгејт експедишнс“ е компанија со седиште во САД, која наплаќа по 250 000 долари за своите патувања како „шанса да излезете надвор од секојдневниот живот и да откриете нешто навистина необично“.

Се вели дека едно нуркање до „Титаник“, вклучувајќи спуштање и искачување, трае околу осум часа. Според веб-страницата, една експедиција е во тек, а уште две се планирани за јуни 2024 година.
Иако во моментов не е познато колку и кои луѓе се во подморницата, Би-би-си пренесува дека британскиот истражувач Хамиш Хардинг вчера изјавил дека треба да се приклучи на најновата експедиција на „Оушнгејт“.
Хардинг на Фејсбук и на други социјални мрежи напишал дека во неделата бил направен обид за нурнување откако екипажот во саботата тргнал од градот Сент Џонс, Њуфаундленд.
Тој додал дека тимот на подморницата вклучува неколку истражувачи, од кои некои направиле над 30 нуркања до остатоците на „Титаник“ во 1980-тите години.
Хардинг, исто така, навел дека ова патување најверојатно ќе биде првата и единствена мисија со екипаж оваа година поради суровите временски услови.
За каква подморница станува збор
Како што ја опишува британскиот национален сервис, станува збор за подморница за пет лица, која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри.
Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди животна поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од три јазли – околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.
Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина.
Опремена е со интегрирана платформа од која подморницата се лансира и се враќа пред и по секое нуркање.
„Титаник“, најголемиот брод на своето време, удри во санта мраз на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година.

Од 2 200 патници и членови на екипажот, животите ги загубија повеќе од 1 500 лица.
Титаник е опширно истражуван од пронаоѓањето на остатоците на потонатиот брод во 1985 година.