Како увид во започнатиот процес за асфалтирање на оваа делница, според опозицијата, има слики и објава на официјалната фејсбук-страница на Јавното претпријатие за државни патишта од 23 ноември 2023 година
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска велат дека првиот асфалт на експресниот пат Страцин – Крива Паланка е поставен уште во 2023 година.
Оттаму велат дека како увид во започнатиот процес за асфалтирање на оваа делница има слики и објава на официјалната фејсбук-страница на Јавното претпријатие за државни патишта од 23 ноември 2023 година.
„Китењето со туѓо перје е едно, но ова патолошко лажење на ДПМНЕ, зборува за нив и покажува колку се неспособни, па мора да измислуваат дека нешто направиле. За експресниот пат Страцин – Крива Паланка ДПМНЕ само пресече лента и направи неколку стотина метри асфалт и ништо друго. А како опозиција го блокираше проектот во Собранието“,
велат од СДСМ.

Посочуваат дека проектот за оваа делница е почнат уште во 2018 година, а првиот асфалт е поставен во 2023 година. До првата половина на минатата година е завршен над 90 отсто.
„Очекуваме Мицкоски и ДПМНЕ денеска да излезат и да им се извинат на граѓаните за тоа што излажаа“,
стои во соопштението од опозицијата.
Веќе втор ден не престануваат обвинувања меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ откако вчера во употреба беше пуштен патот Страцин – Крива Паланка.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска до медиумите испратија видео со кое, како што велат, се докажува дека на 1 јули 2024 година експресниот пат Крива Паланка – Страцин е сè само не финализиран.