Протестот се одржа пред амбасадата на Соединетите Американски Држави во Данска, а една од главните пораки која беше пренесена од страна на големиот број присутни беше оти островот Гренланд не е на продажба
Илјадници граѓани денеска го блокираа центарот на Копенхаген, изразувајќи го својот револт против најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на контролата врз Гренланд. Под слоганот „Гренланд не е на продажба“, реката од луѓе се упати од градскиот плоштад кон амбасадата на САД во Данска.

Демонстрантите, веејќи ги црвено-белите знамиња на Гренланд и носејќи транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Гренланд“, испратија јасна порака дека автономната територија, на која живеат околу 57 000 жители, не може да биде предмет на трговија.

Организаторите на протестот, Здружението на Инуити, истакнаа дека целта е да се покаже солидарност и да се заштити суверенитетот.
„Демонстрираме против американските изјави и амбиции за анексија. Бараме почитување на правото на самоопределување на Данска и Гренланд. Се надеваме дека ќе покажеме дека има многумина од нас кои застануваат во одбрана на Гренланд“,
велат оттаму.

Слични протести за попладнево се закажани и во Нук, главниот град на Гренланд. Тензиите дополнително ги подгреа вчерашната изјава на Џеф Ландри, специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд. Тој беше дециден дека планот на Белата куќа е сериозен.
„Договор за преземање на големиот арктички остров од страна на САД треба да се постигне и ќе се постигне. Претседателот Трамп сериозно размислува за оваа автономна територија“,
рече Ландри.
Токму Трамп ја актуелизираше намерата САД да ја преземат контролата врз островот, наведувајќи ги националната безбедност и парирањето на руските и кинеските интереси на Арктикот како клучни причини. Тој најави дека тоа ќе се случи на еден или друг начин.
Интересот на Вашингтон за Гренланд се поврзува и со постоењето на американската вселенска база „Питуфик“ (поранешна Туле), која е најсеверната инсталација на американските вселенски сили и клучна точка за системот за рано предупредување од проектили. Дополнителен фактор се огромните резерви на ретки метали, неопходни за високотехнолошко производство, за кои западните медиуми известуваат дека се новата фокусна точка на американската ресурсна стратегија.
Протестите следуваат три дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските претставници истакнаа дека нема можност за договор со САД за статусот на островот. Трамп, пак, најави можност за воведување царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план.
Во меѓувреме на теренот се одвиваат заеднички активности на НАТО. Како дел од вежбата „Арктичка издржливост“, воен персонал од Франција, Шведска, Германија, Норвешка, Холандија, Финска и Велика Британија пред два дена беше распореден на Гренланд за извидувачка мисија.
