Отсечени градови, поплавени објекти и земјоделски површини, блокирани патишта. Ваква е состојбата во Хрватска која веќе со денови се соочува со големи поплави предизвикани од невремето проследено со интензивни врнежи.

Како што објави дневник.хр, реката Купа е со рекорден водостој и поплавила населби во Карловачката жупанија, а бранот оди кон Петриња и Сисак. Вработените во „Хрватски води“ цел ден работеле на терен со багери за да направат брани со кои се обидуваат да го спречат излевањето на водите.

Колкава површина од Карловачката жупанија завршила под вода може да се види од воздух. Низ местото Бродарце може да се помине или со чамец или со трактор. Поплавените површини се гледаат на фотографиите што ги објави Управата за цивилна заштита на Хрватска.

Дури откако невремето се смирило се согледуваат штетите по поплавите во долината на Купа. Таму неколку помали села сè уште се отсечени од остатокот на Хрватска – патиштата буквално ги однела поплавата.

Во временската прогноза за утре во Хрватска на места се најавуваат врнежи, но со послаб интензитет. На некои места на Јадранот се најавува и бура.