Оваа група е дел од планираната трета размена на заложници држени во Газа за палестински затвореници, што доаѓа за време на четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас

Црвениот крст денеска прифати група заложници кои беа ослободени од заробеништво во Газа, објави Си-ен-ен повикувајќи се на израелските одбранбени сили според кои групата брои 17 лица, меѓу кои има Израелци и странски државјани.

Оваа група е дел од планираната трета размена на заложници држени во Газа за палестински затвореници, што доаѓа за време на четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас.
Си-Ен-Ен објави дека меѓу ослободените заложници е четиригодишната Абигејл Едан, девојче со американско и израелско државјанство, киднапирано од Хамас на седми октомври. Ова е прво успешно ослободување американски заложник од почетокот на примирјето меѓу Израел и Хамас.

Катарските власти, пак, најавија дека денеска треба да бидат ослободени 39 палестински затвореници од Израел. Тие треба да бидат ослободени во замена за 17-те заложници кои Хамас ги ослободи во Газа, напиша портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед Ал-Ансари, на социјалната мрежа „Х“.
Ова ќе биде трета ваква размена на заложници за заробеници меѓу Израел и Хамас за време на нивното четиридневно примирје.