За секое непотребно одлагање, како што кажа, ќе следува санкција, а во таа насока сите лекарски уверенија за отсуство ќе бидат строго проверувани

Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет за случајот „Пулс“, пред почетокот на првото рочиште ги наведе, како што кажа, правилата на игра за судењето.
Претставувајќи се, таа рече дека нејзин заменик, односно втор судија ќе биде нејзиниот колега Ахмед Идризи и четворица поротници, од кои еден резервен за да нема застој во постапката.

Прво, како што кажа судијката, ќе се бара дисциплина од сите странки и присутни во судницата на рочиштата.
„Во името на целиот совет сакам да ги кажам правилата на игра. Бараме голема дисциплина. За ова рочиште не беа повикани полномошници оштетени затоа што не знаевме до овој момент кои ќе се јавуваат како оштетени и полномошноци. Ќе ги прочитаме тие што се тука. Прво што ќе бараме е дисциплина. Прво ќе дадеме опомена, а потоа ќе има отстранување од судница, па и парична казна“,
рече судијката Груевска-Илиевска.
За секое непотребно одлагање, како што кажа, ќе следува санкција, а во таа насока сите лекарски уверенија за отсуство ќе бидат строго проверувани.

Таа додаде дека ќе се почитува тагата и болката на семејствата на загинатите и повредените, но судот ќе постапува професионално и ќе овозможи секоја од странките да ја изнесе својата теорија и да даде докази.
„Со секоја почит кон болката и тагата на родителите и роднините ќе имаме респект за тоа, но ние сме професионалци и ќе дадеме можност на сите да си ја кажат својата теорија и да понудат докази”,
кажа судијката и нагласи дека судот ќе биде транспарентен.
Таа упати апел до семејствата, ако можат, да се организираат и по еден да присуствува на рочиштата за да се овозможат услови за работа.

„Во овој момент гледате дека нема место за сите членови на семејствата на оштетените, затоа ако може, да се организирате по еден“,
кажа Груевска-Илиевска.
Таа посочи дека судот не може да гарантира брзина на водењето на постапката затоа што, како што додаде, секое брзање може да доведе до грешка и до пропаѓање на процесот.
„Колку ќе трае процесот никој не знае“,
рече Груевска-Илиевска.
По ова, судот премина на евидентирање на присутните во судницата. Присутни се десетмина обвинители. Во тек е евиденцијата на обвинетите и нивните бранители.
