Од Дирекцијата за цивилна заштита велат дека пожарот се испитува со термална камера и оти на местото ќе пристигне градежен инженер за да ја процени состојбата на објектот

Загрепските пожарникари на нивната фејсбук-страница објавија детали за интервенцијата и фотографии од пожарот во внатрешноста на зградата на „Вјесник“.
„Добивме пријава за густ црн чад и видливи пламени што доаѓаат од зградата на ’Вјесник’ на неколку ката. По пристигнувањето на местото на настанот, пожарникарите почнаа да го гаснат пожарот на 15-тиот кат“,
се вели во објавата.
Кратко по почетокот на интервенцијата, додаваат пожарникарите, огнот се проширил на сите катови – од петтиот и нагоре, поради што пожарникарите морале итно да ја напуштат зградата и да преминат на надворешно гаснење. Пожарникарите велат дека надворешното гаснење било отежнато поради паѓање стакло и делови од конструкцијата од повисоките катови.
„По прегрупирањето, започнавме детален преглед и гаснење на зградата од подрумот до врвот, со цел да се спречи пожарот. Можете да видите на фотографиите како изгледа интервенцијата во овие услови. Ви благодариме на сите за вашата посветена работа“,
објавија тие.
Од Дирекцијата за цивилна заштита велат дека екипите работат на гаснење и санирање на пожарот.
„Пожарот се испитува со термална камера, а на местото на настанот пристигнува градежен инженер за да ја процени состојбата на објектот“,
се вели во објавата од Дирекцијата за цивилна заштита.
➡ NOVO – Gašenje i sanacija požara je u tijeku; požarište se pregledava termo-kamerom; na mjesto događaja dolazi statičar koji će procijeniti stanje konstrukcije; promet oko Vjesnika je zatvoren
— Ravnateljstvo civilne zaštite MUP-RH (@RavnateljstvoCZ) November 18, 2025
Инаку, синоќа околу 23 часот голем пожар избувна во висококатницата на „Вјесник“ на „Славонска авенија“ во Загреб, еден од симболите на главниот град на Хрватска.
Како што пишуваат хрватските медиуми, поради вертикалното ширење, огнот го зафатил покривот на зградата и неколку ката, поради што биле ангажирани голем број пожарникари и опрема за справување со огнената стихија.
Пожарот го гаснат околу 100 пожарникари со 30 возила, а дотокот на гас и електрична енергија се исклучени во целата зграда, соопштија од Дирекцијата за цивилна заштита на Хрватска.
