Во Скопје беше одбележан месецот за поддршка на децата со малигни заболувања – „Златен септември“ – под мотото „Убаво е да бидеш јас“
Над 80 отсто од децата со малигни заболувања кај нас се излекувани
Стотици балони во златна боја – симбол на сила, храброст и истрајност, која воедно е и симболична за децата кои се лекуваат од карциноми, денеска на градскиот плоштад во Скопје беа пуштени во воздух, во чест на сите деца кои се борат со малигни заболувања.

Со ова Универзитетската клиника за детски болести го одбележа месецот за поддршка на децата со малигни заболувања – „Златен септември“ – под мотото „Убаво е да бидеш јас“, чија цел е да се подигне свеста во јавноста за овие болести кај децата и адолесцентите, за сите аспекти на нивната борба со канцерот, како за времето поминато во болница, така и за периодот по враќањето дома.

Министерот за здравство Венко Филипче по овој повод соопшти една охрабрувачка вест, дека над 80 проценти од децата со малигни заболувања кај нас се излекувани.
„Нема дете за коешто нема биолошка терапија. Успешноста на лекување на детските малигноми е над 80%. Нема поголемо задоволство кога дете насмеано си заминува од болница“,
рече Филипче и најави дека целосното реновирање на одделението за детска онкологија кое е во тек треба да заврши на почетокот на 2021, во јануари.

Годишно во земјава се откриваат 35-40 нови случаи на деца со малигна болест. Најчестата малигна болест во детската возраст е акутната леукемија, која се открива кај 30-35 проценти од децата од сите малигни заболувања. Најчеста, пак меѓу нив е акутната лимфобластна леукемија, АЛЛ, која се открива кај 80 проценти од децата со леукемии.

Од почетокот на 2020 година до денес, кај нас се дијагностицирани вкупно 22 пациенти со малигна болест, од кои 14 деца се со акутна леукемија.
Одделот за хематологија и онкологија при Клиниката за детски болести е единствена специјализирана педијатриска болница во земјава каде се дијагностицираат и лекуваат деца со малигна болест на возраст до 14 години.
„За дијагноза и лекување на хемато-онколошкото одделение се применуваат современи терапевтски протоколи во согласност со препораките на Интернационалната педијатриска асоцијација. Леукемиите во детската возраст се лекуваат согласно протоколи кои се применуваат во сите Европски земји. Со овие терапии, се постигнува излекување кај повеќе од 95 отсто од децата со акутна лимфобластна леукемија, успех со кој се гордееме. Им благодарам на моите колеги и медицински сестри кои работат на овие одделенија. За нив нема пауза и во време на пандемија, приоритет без исклучок имаат децата“,
вели директорката Д-р Наташа Најдановска Алулоска.


