Станува збор за објава на бугарската влада на социјалните мрежи во која од споделените фотографии се гледа како техничкиот премиер Андреј Ѓуров и неговиот нов советник за спорт, фудбалската легенда Димитар Бербатов, во релаксирана атмосфера играат со фудбалска топка
На 7 март 2023 година Артан Груби на својот фејсбук-профил објави фотографии направени во неговата канцеларија во поранешното Министерството за политички систем, на кои можеше да се види како тој, заедно со останатите министри од ДУИ во тогашната влада, се рекреира во просториите на министерството каде што има мал пластичен гол, фудбалска топка, а поставен е и кош
Владата на Бугарија денеска соопшти дека Димитар Бербатов, еден од најуспешните фудбалери во историја на земјата, и официјално е назначен за советник на техничкиот премиер Андреј Ѓуров за прашања поврзани со младите и спортот.

Во објавата на бугарската влада на Фејсбук се наведува дека Бербатов ќе ги поддржува активностите на премиерот и владата во развојот и спроведувањето на политиките поврзани со спортот, активниот начин на живот и развојот на младите луѓе во земјава.
Веста во никаков политички контекст не е поврзана со односите меѓу Бугарија и С Македонија, но фотографиите објавени од страна на бугарската влада веднаш асоцираат на случувања во земјава од пред неколку години, а поврзани со поранешниот прв вицепремиер и министер, Артан Груби, кој деновиве повторно е во центарот на вниманието во државава, откако по повеќе една година бегство реши да им се предаде на органите на прогонот.
Имено, на фотографиите што ги објави кабинетот на Ѓуров во прв план се атмосферата и амбиентот во кој тој и Бербатов ја официјализираат меѓусебната соработка.
На нив се гледа како новоназначениот советник и техничкиот премиер во релаксирана атмосфера играат со фудбалска топка. На видео што го објави порталот „Дарикњуз.бг“ може да се види како Бербатов покажува дел од своите фудбалски вештини – „жонглира“ со топката, и му објаснува на Ѓуров дел од „магијата“.
„Со чувство на одговорност за развојот на спортот во Бугарија, ја преземам улогата на советник за прашања поврзани со младите и спортот. Ја прифаќам оваа обврска без надомест, воден единствено од желбата да го вложам моето искуство и енергија во развојот на одржлива и долгорочна политика во оваа област“,
вели Бербатов во изјавата што ја пренесуваат од кабинетот на вршителот на должноста премиер на Бугарија.
Своевремено, фудбал во релаксирана атмосфера се играше и во кабинетот на тогашниот прв вицепремиер и министер за политики систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Прегледот на новинските архиви потсетува дека Груби пред речиси точно три години, односно на 7 март 2023 година, на својот фејсбук-профил објави фотографии направени во својата канцеларија во Министерството за политички систем.

Малку поразлични и неформални, на нив можеше да се види како тој, заедно со останатите министри од ДУИ во тогашната влада, се рекреира во просториите на министерството, каде што имаше мал пластичен гол, фудбалска топка, а беше поставен и кош.
„Дрим тим. По долг и предизвикувачки ден, придружна антистрес дружба за одбележување на заедничкиот успех. Денес е голем ден!“,
напиша тогаш Груби во описот на објавата.
„Дрим-тимот“ на Груби тогаш го сочинуваа Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Јетон Шаќири и Насер Нуредини.
На фотографиите можеше да се види како си подаваат фудбалска топка и демонстрираат кошаркарски потези.

Груби во објавата не споменува зошто 7 март 2023 година е голем ден, но пред прикажаната антистрес дружба тогашните министрите беа на владина седница на која се одобри склучувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Три години подоцна Груби е во фокусот на јавноста откако по повеќе од една година бегство се врати во државата, каде што е осомничен во случајот „Државна лотарија“, а Крешник Бектеши е еден од обвинетите за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Покрај појавувањето на Граничниот премин „Блаце“, лавина реакции предизвика предлогот на Обвинителството, кој Кривичен го прифати, на Груби да му биде одредена мерка куќен притвор наместо ефективниот, што му беше одреден по неговото бегство.
