Пожарот во близина на границата со Шпанија започна претходно оваа недела и веќе опустоши област поголема од Париз. Властите предупредуваат дека станува збор за најголемиот шумски пожар од 1949 година

Француските пожарникари втор ден по ред се борат со најголемиот шумски пожар во последните речиси осум децении, кој проголта 16 000 хектари шума и уби едно лице.
Пожарот сè уште не е под контрола, изјави еден од водачите на операцијата за гаснење пожари во јужниот француски регион Од.

Пожарот во близина на границата со Шпанија започна претходно оваа недела и веќе опустоши област поголема од Париз. Властите предупредуваат дека станува збор за најголемиот шумски пожар од 1949 година.
„Никогаш не сме виделе ваков пожар. Сите се прашуваме што ќе се случи, дали пожарот ќе стигне и до нашата куќа“,
рече Мишел Дајнак, жител на регионот Од.
„Среќни сме што пожарникарите се тука и се обидуваат да ни помогнат. Тие дојдоа од целата земја и ги ризикуваат своите животи. Сакам да им се заблагодарам во име на сите жители“,
рече Брахим Кампеси, жител на регионот Од.

Со разорни пожари се бори и Шпанија, особено на самиот југ од земјата каде што пожарот се приближи до туристичкото одморалиште Тарифа. Таму се евакуирани неколку хотели и станбени згради, како и пет илјади возила. Локалните медиуми велат дека се евакуирани и 1 500 луѓе.
Научниците предупредуваат дека потоплите и посуви лета создаваат поголем ризик од пожари во медитеранскиот регион. Според Европската комисија, 353 000 хектари изгореле во Европа од почетокот на годината во 1 478 пожари.
Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека минатиот месец бил третиот најтопол јули на Земјата откако се водат евиденции, вклучувајќи рекордна максимална температура од 50,5 степени во Турција. Најтопол и втор најтопол јули се забележани во 2023 и 2024 година.