За најдобар филмско остварување во изминатата година „Оскарот“ го доби филмот „Сешто, секаде, одеднаш“. Даниел Кван и Даниел Шеинерт како продуценти, сценаристи и режисери на филмот, добија три „Оскари“. Филмот освои вкупно седум „Оскари“, а „На Запад ништо ново“ освои четири статуетки

Годинава по 95. пат беа доделени филмските награди „Оскар“. Доделувањето на „Оскарите“ се одржа во театарот „Долби“ во Холивуд. Годинава изостана фамозниот црвен тепих, а сите очи беа свртени кон изборот на тоалети за церемонијата на актерките.
Џими Кембел повторно ги водеше „Оскарите“ и во воведниот говор се осврна на минатогодишниот скандал со Вил Смит и Крис Рок и откри дека годинава Академијата формирала кризен тим доколку повторно се случи истата ситуација.
Церемонијата започна со доделувањето на наградите за најдобар анимиран филм, а „Оскарот“ го доби Гилиермо дел Торо за филмот „Пинокио“. Веднаш по ова следуваа категориите најдобра машка и женска улога. „Оскарот“ за машка споредна улога го доби Ки Хуан Кван за улогата во „Сешто, секаде, одеднаш“ (Everything Everywhere All At Once), актер добро познат осумдесеттите години како дете ѕвезда на филмовите „Индијана Џонс“ и „Гуниси“. Во женската категорија наградата отиде кај Џејми ли Кертис за „Сешто, секаде, одеднаш“ (Everything Everywhere All At Once).

„Оскарот“ за најдобар документарен филм го доби документарецот „Навални“, за најдобар краток игран филм беше прогласен „Ирско збогување“. За најдобра шминка и фризура, „Оскарот“ го доби филмот „Кит“. За најдобар директор на фотографија е прогласен Џејмс Френд за воениот филм „На Запад ништо ново“.
Иако беше најавено дека Лејди Гага нема да присуствува на „Оскарите“, сепак, таа во последен момент најави дека ќе присуствува за да ја изведе песната „Hold My Hand“ од филмот „Топ Ган: Маверик“. Иако на тепихот се појави во нејзин стил, на сцената во „Долби“, таа песната ја изведе без шминка и гламурозниот фустан.
Во категоријата најдобра костимографија, „Оскарот“ го доби филмот „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“.
За најдобар странски филм, „Оскарот“ го доби германскиот филм „На Запад ништо ново“, „Оскарот“ за најдобар краток документарен филм го доби „Шепкачот на слонови“, за најдобар краток анимиран филм наградата ја доби „Момчето, крстот, лисицата и коњот“. За најдобра продукција и дизајн, „Оскарот“ го доби филмот „На Запад ништо ново“.
За огигинална филмска музика „Оскарот“ замина кај филмот „На Запад Ништо ново“, иако неизвесно беше дали Џон Вилијамс ќе го добие „Оскарот“. Тој со вкупно 53 номинации за „Оскар“, има повеќе номинации од кој било друг жив филмски уметник. Вилијамс доби номинација за музиката за филмот на Стивен Спилберг „Фабелмансови“ и со 91 година, тој е најстарата личност номинирана за „Оскар“, а доколку ја добиеше шестата статуетка, холивудскиот маестро ќе станеше и најстар победник во натпреварувачка категорија и ќе го срушеше рекордот на сценаристот Џејмс Ајвори кој го доби „Оскарот“ на 89-годишна возраст.
Најдобрите визуелни ефекти имаше филмот „Аватар: Патот на водата“.
Веднаш потоа следуваше настапот на Ријана со песната „Lift Me Up“ од филмот „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“, во спомен на прерано починатиот актер Чадвик Бозман која ја толкуваше главната улога.

Во категоријата најдобро адаптирано сценарио наградата ја доби „Жените зборуваат“, а за оригинално сценарио „Сешто, секаде, одеднаш“. Најдобар звук имаше филмот „Топ ган: Маверик“. „Оскарот“ за најдобра песна го освои песната „Natu Natu“ од филмот „РРР“, а нејзиниот автор преку песна се заблагодари на Академијата.
Како и секоја година, традиционално Академијата им оддаде почит на филмските работници кои заминаа минатата година, а меѓу кои беа големи филмски имиња како Џина Лолобриџида, Ракел Велч, Анџела Ланзбери, Кристи Ели, Ен Хече, Том Сизмур, Џемс Кан, Реј Лиота, Вангелис, Жан Луј Трињан. Делот познат како „In memoriam“ го претстави Џон Траволта, а музички го долови музиката на Лени Кравиц.
Најдобра монтажа имаше филмот „Сешто, секаде, одеднаш“. Најголемата возбуда беше пред доделувањето на „Оскарите“ во главните категории. Даниел Кван и Даниел Шеинерт го добија Осакрот за најдобра режија за филмот „Сешто, секаде, одеднаш“ и по втор пат се качија на сцената по „Оскарот“ за најдобро оригинално сценарио.
За најдобар актер во главна улога „Оскарот“ заслужено го доби Брендон Фрејзер за трогателната улога во филмот „Кит“, а „Оскарот“ за најдобра актерка во главна улога го доби Мишел Јео за улогата во филмот „Сешто, секаде, одеднаш“.

Харисон Форд ја претстави последната категорија „Оскар“ за најдобар филм. За најдобар филмско остварување во изминатата година „Оскарот“ го доби филмот „Сешто, секаде, одеднаш“. Даниел Кван и Даниел Шеинерт како продуценти, сценаристи и режисери на филмот, добија три „Оскари“. Филмот освои вкупно седум „Оскари“, а „На Запад ништо ново“ освои четири статуетки.
