Директорот на ЈП „Охридски комуналец“ вчера за „24 вести“ ги отфрли наводите во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на претпријатието во 2023 година – дека локалната фирма од својата пумпа наточила 27 000 литри дизел-гориво на неисправни возила и уште 10 000 литри на неевидентирани возила. Сашо Најдески објасни дека возилата биле исправни во 2023 година, дека документацијата им била ставена на располагање на ревизорите, а дека неевидентираните возила биле позајмени
ДЗР денеска го потсети директорот дека нивниот заклучок воопшто не се однесува на возилата за кои тој тврди биле исправни или позајмени во 2023. Пратија и слики и посочија дека јавно е објавен бројот на регистарските таблички кои биле евидентирани при „полнењето“ на горивото
Вашите вработени ни го дадоа списокот на неисправни возила од 2023 година, за кои потоа заклучивме дека им се точело гориво истата година, му возвратија од Државниот завод за ревизија на директорот на ЈП „Охридски комуналец“. Сублимирано, на тоа се сведува денешната реакција на ДЗР по вчерашната изјава на Сашо Најдески, кој, пак, реагираше на објавениот ревизорски извештај за работењето на институцијата што ја води.
Во Демантот до директорот, како што го нарекуваат денешниот допис од Ревизија, се содржани неколку аргументи со кои го бранат својот првичен заклучок. Згора на сè, испратија и фотографии од (не)исправните возила.
Дизелгејт
Но, да одиме по ред. Вчера претпладне Државниот завод за ревизија објави извештај за работењето на ЈП „Охридски комуналец“ за 2023 година. Изразија неповолно мислење и за финансиите и за ускладонеста со законите при работењето. Имаше повеќе забелешки, но посебно внимание во јавноста доби заклучокот дека локалната фирма, во 2023 година, од својата пумпа наточила 27 000 литри дизел-гориво на возила кои биле неисправни и уште 10 000 литри на неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, без прилог на соодветна поткрепувачка документација.
Попладнето, ТВ 24 објави реакција на директорот. Тој, за овие два заклучока, изјави:

„Возилата кои се наведени како неисправни во извештајот, во моментот на користење на горивото биле во целосно исправна техничка состојба, а истото може да се потврди од потврда за технички прегледи: Сообраќајни дозволи, Осигурителни полиси за истите, како и службени извештаи за користење на возилата во текот на 2023 година. Наведените возила биле активно користени за извршување на работните задачи на претпријатието, за што има соодветна документација (од за нас нејасни причини стручниот ревизорски тим не ги зеде во предвид овие докази)
Потрошено е гориво на неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, односно станува збор за потрошено гориво за возила кои од страна на општина Охрид се доделени во минатите години на користење на ЈП ‘Охридски комуналец’, што значи дека истите возила се дадени законски, а обврска е на ЈП ‘Охридски комуналец’ да ги користи и за истите да обезбеди гориво.“,
изјави Сашо Најдески.
Не – не зборуваме за тие возила
Денеска, од ДЗР му возвратија на директорот дека истото што го кажал за медиумите, им го предочил како забелешка која не му била прифатена. Аргументот против, кога се во прашање неисправните возила, биле податоците добиени токму од „Охридски комуналец“.

На 17 и 18.12.2024 година, по писмено барање од ревизорскиот тим, надлежни лица од Одделението за експлоатација на возен парк при Секторот механизација на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид, електронски доставија официјална листа на неисправни возила за 2023 година. Врз основа на оваа документација, беше извршена теренска проверка и фотографска евиденција за потврдување на состојбите.
велат во денешната реакција на ДЗР.
Со други зборови, токму вработени во „Охридски комуналец“ ја доставиле листата на неисправни возила во 2023-та година, за кои потоа ревизорите заклучиле дека локалната фирма им евединтирала точење на гориво. Возилата биле и фотодокументирани. Ова е галеријата која ја испратија од ДЗР:










Што се однесува, пак, до точењето на гориво во возила кои не се евидентирани во книгите на „Охридски комуналец“, од ДЗР појаснуваат дека не станува збор за возилата кои и биле отстапени на Општина Охрид, со кои инаку се правда директорот.
Во однос на потрошувачката на 10.000 литри дизел гориво за возила кои не се евидентирани во деловните книги на претпријатието, укажуваме дека овие наоди не се однесуваат на возила кои во минатото биле доделени на користење од страна на Општина Охрид, како што е наведено во изјавата на директорот. Станува збор за други возила, за кои постојат јасни ревизорски докази.
соопштија од ДЗР.
Дека оваа дилема била расчистена уште додека извештајот бил во подготовка, од ДЗР посочија на самиот документ. Таму, на страниците 55 и 56 може да се прочита дел од преписката меѓу ревизорите и директорот, вклучително и наодот на ревизорите – дека не го проблематизираат точењето гориво во возилата за кои добиле документи дека или биле исправни или биле на позајмица, туку за конкретни возила со конкретни регистарски таблички за кои не добиле никаков доказ за да донесат поинаков заклучок.
