Жена и 16-годишната девојка од северните провинции Монца и Бреша ги загубиле животите откако врз нив паднале дрвја, додека еден тинејџер бил тешко повреден од удар на гранка во регионот Венето
Вкупно пет лица е бројот на загинати во изминатите 24 часа откако двата екстремни временски настани ја поделија Италија меѓу шумски пожари на југ и насилни бури на север, пишува „Гардијан“
Италија се соочува со двоен удар од есктремните временските услови кои ја погодија земјата. Во силно невреме што го зафати северниот дел на земјата загинаа една жена и 16-годишно девојче, додека во исто време јужните региони горат под топлотниот бран на рекордно високи температури, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Вкупно пет лица е бројот на загинати во изминатите 24 часа откако двата екстремни временски настани ја поделија Италија меѓу шумски пожари на југ и насилни бури на север, пишува „Гардијан“.
Ситуацијата ја принуди италијанската влада да подготви итни мерки за помош на регионите погодени од екстремни временски услови. Штетата во северниот регион Ломбардија, во кој спаѓа и градот Милано, е проценета на над 100 милиони евра.
Невремето во Милано, како што се наведува, откорнало покриви и стотици дрвја во текот на ноќта, предизвикувајќи блокади на патиштата, а голем број паркирани автомобили се оштетени.
„Сè се случи околу 4 или 5 часот наутро, беше многу кратко, но многу интензивно, урна неколку дрвја… со силни налети на ветер“,
изјавил 66-годишниот Роберто Солфрицо за новинската агенција Ројтерс.
Жената и 16-годишната девојка од северните провинции Монца и Бреша ги загубиле животите откако врз нив паднале дрвја, додека еден тинејџер бил тешко повреден од удар на гранка во регионот Венето.
Товарот на лошото време го понесоа и туристичките атракции во Италија. Замокот Сфорцеско е затворен откако силното невреме однело дел од плочите на објектот, а силниот дожд навлегол во стаклената галерија на Виторио Емануеле Втори, познатата шопинг-аркада во Милано.

Во другите делови на Италија, пак, владее топлотниот бран што ја зафати Јужна Европа. Пожарите на Сицилија доведоа до привремено затворање на аеродромот во Палермо, откако температурите во градот вчера се искачија до 47 Целзиусови степени, пренесува „Гардијан“.
Според информациите, 88-годишна жена починала во Сан Мартино дел Скале, неколку километри од главниот град на Сицилија, откако блокадите на патиштата предизвикани од пожарите ги спречиле службите за итни случаи да стигнат до неа навреме.

Властите затворија дел од автопатот бидејќи на островот биле пријавени повеќе од 55 шумски пожари. Стотици пожарникари од други региони во Италија се чека да пристигнат за да помогнат во борбата со пламените јазици.
„Никогаш не сме виделе нешто слично. Бевме опкружени со оган. Не можевме да одиме никаде. Ноќта ја поминавме на плоштад. Тоа беа ужасни моменти“,
изјавил жител на Сан Мартино дел Скале за италијанската новинска агенција Анса.

Министерот за цивилна заштита на Италија, Нело Мусумечи, рече дека кабинетот е подготвен да одговори на барањата на регионот за прогласување вонредна состојба и ги повика сите жители да бидат внимателни.
Во некои делови од Источна Сицилија, температурите вчера се искачиле до 47,6 Целзиусови степени, што е блиску до европскиот рекорд од 48,8 Целзиусови степени, забележани на островот пред две години.
„Ова се едни од најтешките денови што Италија ги доживеа во последниве години од гледна точка на климатските услови и цивилната заштита… Силата на природата има тенденција да ја надмине онаа на човекот“,
рече Мусумечи.