Со положување свежо цвеќе во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, денеска државниот врв во земјава му оддаде почит на револуционерот Гоце Делчев по повод 119 години од неговата смрт
Со свежо цвеќе положено на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата „СВ. Спас“ во Скопје, највисокиот државен и политички врв во земјава денеска му оддаде почит на револуционерот по повод одбележување 119 години од неговата смрт.
Со положување свежо цвеќе на Делчевото вечно почивалиште почит му оддаде владината делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, заедно со министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.


Собраниската делегација, пак, ја предводеше потпретседателот Горан Мисовски, а во нејзин состав беа Марија Георгиевска и Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Со положување свежо цвеќе, гробот на Делчев денеска го посети и шефот на државата Стево Пендаровски.


Пендаровски на својот фејсбук-профил објави дека македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи.
„Денеска одбележуваме 119 години од смртта на македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев. Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи. Слава му!“,
напиша Пендаровски.
На гробот на Делчев почит му оддаде и градоначалничката Данела Арсовска во придружба на секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски.

Пред ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев почит оддаде и делегација на владејачкиот СДСМ, предводен од Вангел Андрески, организациски секретар на СДСМ, Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ и Викторија Мадиќ, претседателка на Надзорниот одбор на СДСМ.

Вечното почивалиште на Гоце Делчев денеска го посети и делегација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, составена од потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски и членот на Извршниот комитет, Ели Панова.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку фејсбук-објава порача дека Гоце Делчев беше лидер на идејата за независна македонска држава којашто ја споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја.