Лидерот на коалицијата Обединето национално движење Гиорги Вашадзе, изјави дека опозицијата нема да учествува во никакви преговори со власта и оти ќе се залага за нови избори под меѓународен надзор

Десетици илјади Грузијци се собраа вечерва пред парламентот во Тбилиси барајќи поништување на парламентарните избори кои се одржаа минатиот викенд.
„Не ги изгубивте изборите. Ви го украдоа гласот и се обидоа да ја украдат иднината, но никој нема право да го направи тоа и никому нема да му го дозволите тоа“,
им порача претседателката на земјата Саломе Зурабишвили на демонстрантите кои вееја грузиски и знамиња на Европската Унија.
Зурабишвили, која има главно церемонијална функција, најави дека ќе продолжи да го застапува патот кон Европската Унија.
„Немаме алтернатива, сакаме да ја оставиме оваа земја на следните генерации“,
нагласи таа.
Лидерот на коалицијата Обединето национално движење Гиорги Вашадзе, изјави дека опозицијата нема да учествува во никакви преговори со власта и оти ќе се залага за нови избори под меѓународен надзор.

„Нема да влеземе во овој парламент. Ги одбиваме сите мандати. Нема да влегуваме во никакви преговори. Ќе се бориме до победа и ви ветуваме дека заедно сигурно ќе победиме“,
изјави тој.
Централната изборна комисија на земјата соопшти дека вадејачката партија Грузиски сон на бизнисменот Бидзина Иванишвили освоила 54,8 отсто од гласовите на изборите.
Опозицијата, која исто така прогласи победа по првичните резултати, подоцна обвини за фалсификат и крадење на гласовите. Ваквите резултати, како што порачаа опозициските партии, ќе ја оддалечат земјата од влезот во Европската Унија и ќе ја доближат до Русија.
Исходот од изборите беше далеку поразличен од првичните предизборни анкети кои беа во корист на здружената проевропска опозиција. Изборите во Грузија беа оценети како едни од позначајните за земјата и пресуден момент што ќе одлучи дали Грузија ќе се приближи кон Западот или ќе се приклони назад кон Русија среде војната со Украина.
