Од Општина Центар велат дека тие не издале налог за отстранување, туку дека угостителите самоиницијативно започнале со отстранување на доградбите зашто треба да започнат подготвителни активности за реконструкција на целата улица
Дел од угостителските објекти на улицата „Ленинова“ во центарот на Скопје започнаа да ги демонтираат поставените тераси на тротоарот на улицата. Во еден од нив, попладневно неколку мајстори ги отстрануваа железата, плочките и платформите кои зафаќаат одреден дел од тротоарот наменет за пешаци.

Од Општина Центар за „360 степени“ велат дека досега не издале налог за отстранување т.н. тераси, но информираат оти угостителите започнале самоиницијативно да постапуваат, зашто се очекува во текот на неделата да започнат подготвителни активности за реконструирање на улицата од потегот кај крстосницата со булеварот „Партизански одреди“, па сè до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Додаваат и дека улицата ќе добие сосема нов лик, а би требало да изгледа како првиот крак, од другата страна на „Партизански одреди“, што беше пуштен во употреба во 2023 година.
Со реконструкцијата се предвидува уредување на зеленилото, реновирање на тротоарите, велосипедските патеки, како и поставување нови канделабри и урбана опрема. За обновување на овој крак од улицата се предвидени 35 милиони денари без ДДВ, средства обезбедени од повикот на Владата за финансирање проекти со пари од унгарскиот кредит.
