По првото укажување од ЦУК, Град Скопје поставил заштитна лента за забрането движење и знаци, меѓутоа некој ги отстранил и фрлил. Од Градот рекле и дека надлежна е Општина Аеродром. Ангелов денеска реагираше дека поминале шест месеци од нивното прво барање да се обезбеди местото, но сè уште никој не реагира

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска побара надлежните институции да реагираат и да се огради провалијата длабока 30-тина метри што со месеци стои без заштита на кејот на реката Вардар во скопската општина Аеродром, на потегот помеѓу хотелот „Русија“ и мостот „Близнак“.
„Со огорчување сакам да укажам дека не треба да се чека некој да настрада, да загине или да се повреди а потоа поттикнати од трагедијата да се обезбеди ова опасно место“,
вели Ангелов.
Ангелов вели дека граѓани пред половина година пријавиле, ЦУК ја констатирал состојбата и во јуни годинава ги известил Градот Скопје и Општина Аеродром.

Градот Скопје итно преземал мерки и поставил знаци за забрането движење и заштитна лента, а укажал и дека во наредниот период ќе постави и лимена заштитна ограда. Исто така, од Градот потенцирале дека провалијата е во надлежност на Општина Аеродром а не во нивна.
Сепак, за само неколку дена некој ја тргнал заштитната лента, ги откорнал знаците и ги фрлил во провалијата.
Потоа, како што тврди Ангелов, ЦУК барал интервенција од надлежните, но и по шест месеци, вели, ова место е небезбедно.
