Реновирање, поправки, варосување, боење, темелно чистење и дезинфекција, средување. Вака деновиве изгледаат повеќето угостителски објекти на најпрометните места во Скопје.



Сопствениците го искористија топлото време и се подготвуваат за најавите дека од следната недела ќе се отворат некои кафулиња и ресторани кои ќе ги исполнуваат мерките за работа, без притоа да се доведе во ризик здравјето на гостите.


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска рече дека предлогот за угостителските објекти е да бидат отворени само терасите, и тоа на десет квадратни метри да има само една маса со четири гости, што според него би било економски неисплатливо за дел од угостителските објекти.
Сепак, иако неговиот став е различен став од предлозите на Комисијата за заразни болести, како Влада тие ќе ја почитуваат одлуката бидејќи оваа комисија е најповикана за тоа како треба да се штити јавното здравје.
Премиерот Оливер Спасовски на вчерашната прес – конференција рече дека отворањето на рестораните и кафулињата ќе биде во втората фаза, во следниот период, но под строги мерки и протоколи кои нема да го доведат во ризик здравјето на граѓаните.
