Тие ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците се покриени од организацијата Новинари за човекови права
Четворица новинари од Авганистан пристигнаа во Македонија како дел од хуманитарните мисии за спасување на авганистански новинари.
Дел од извршниот одбор на Самостојмиот синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги пречека колегите на скопскиот аеродром кој утрово од Исламабад преку Истанбул слета во Скопје.

Од Владата преку соопштение до јавноста информираат дека станува збор за ТВ и радио новинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците.

„Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан“,
велат од Владата.
По слетувањето новинарите поминаа стандардната процедура – безбедносна проверка, заштита и ПЦР тест, додаваат од Владата.

Тие ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени о д организацијата Новинари за човекови права.
Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.