Македонскиот претседател објави фотографии и со Меркел, Моди и Бенет, од куси средби на маргините на Самитот на ОН за климатски промени
Кратка средба со американскиот претседател Џо Бајден остварил претседателот на С Македонија, Стево Пендаровски, на маргините на Самитот за климатски промени КОП 26 во Глазгов, Шкотска.
Пендаровски објави на Фејсбук фотографија од средбата со Бајден, како и од кусите средби што ги имал со германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, со премиерот на Индија, Нарендра Моди, и со израелскиот премиер Нафтали Бенет.
„Се вбројуваме и здружуваме со земјите кои активно преземаат обврски за борба против климатските промени. Важно е да се чујат и нашите заложби и работа во овој дел“,
напиша Пендаровски.
Пендаровски вчера имаше обраќање на пленарната сесија на Светскиот лидерски самит за климатски промени, што се одржува во британскиот град Глазгов. Во обраќањето истакна дека, спроведувајќи ја нашата долгорочна стратегија за климатски акции, се стремиме да ја трансформираме земјата во економија со ниска емисија на јаглерод, зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија.