Противпожарните служби и натаму се борат да ги стават под контрола пожарите што се закана за животите на граѓаните и за нивните имоти од Португалија и Шпанија, сè до Албанија и Грција
Жешките, суви лета се вообичаени за Медитеранот, но научниците предупредуваат дека шумските пожари, потпомогнати од високите температури и силните ветрови, стануваат сè поразорни и потешки за контролирање

Илјадници пожарникари се борат со шумски пожари што беснеат низ Јужна Европа. Во некои држави властите веруваат дека пожарите се подметнати.
Противпожарните служби и натаму се борат да ги стават под контрола пожарите што се закана за животите на граѓаните и за нивните имоти вдолж Медитеранот, од Португалија и Шпанија, сè до Албанија и Грција.
Жешките, суви лета се вообичаени за Медитеранот, но научниците предупредуваат дека шумските пожари, потпомогнати од високите температури и силните ветрови, стануваат сè поразорни и потешки за контролирање.
Европската Унија испрати засилување во Грција и Шпанија за борба против пожарите во кои има и жртви, а беа уништени куќи, станбени згради и големи површини обработливо земјиште и шума. Покрај тоа, илјадници луѓе се принудени да се евакуираат.
Во Грција и натаму гори кај Патра на Пелопонез
Во Грција повеќе од 200 пожарникари, поддржани од 11 авиони и еден хеликоптер, се борат со пожарот во близина на пристанишниот град Патра на полуостровот Пелопонез. Високите температури го зголемуваат ризикот од нови пожари во земјата.
„Во такви околности само една искра е доволна за да се запали пожар што брзо може да излезе од контрола“,
предупреди грчкиот министер за цивилна заштита и климатски промени Јанис Кефалогианис.

Уапсени се три лица за кои се верува дека намерно го запалиле пожарот во близина на Патра. Оваа сезона на пожари Грција има рекордни 18 000 пожарникари подготвени за дејствување на терен.
Во Шпанија загинаа тројца пожарникари
Тројца пожарникари, вклучувајќи и волонтери, загинаа во Шпанија оваа недела. Земјата се бори со топлотен бран веќе единаесетти ден, а температурите на некои места достигнуваат 44 степени.
Само вчера во текот на денот имало вкупно 11 големи пожари што им се закануваат на повеќе населени области во Шпанија, принудувајќи ги властите да евакуираат 9 000 жители и да затворат патиштата и железнички линии. Најтешко погодени се регионите Галисија, Андалузија, Кастиља и Леон во кои се изгорени илјадници хектари.

„Се работи за многу тешка комбинација за пожар, топографија и атмосферска стабилност или нестабилност. Ако ги имате овие услови, тогаш топлината што се развива од пожарот, поткрепена од термички аномалии, ги предизвикува овие пожари во подолг временски период“,
смета Александар Хелд од Европскиот институт за шумарство.
И Португалија и Албанија се борат со пожари
Во Португалија речиси илјада пожарникари се борат со пожар во близина на живописното планинско село Пиодоа веќе единаесетти ден.

Војници, пожарникари и волонтери се борат со пожар во Јужна Албанија помеѓу градовите Делвина и Ѓирокастро. Имаат поддршка од еден италијански хеликоптер. Албанскиот премиер Еди Рама објави дека од јуни се идентификувани 137 потпалувачи, а неколку од нив се уапсени.