Осомничениот тврдел дека има моќ да растури „зла магија“ која наводно била направена над нивниот син и му ги загрозувала здравјето и животот

Седумдесет и шестгодишниот Б. Д. од Берово на 3 јули 2025 година во СВР Штип пријавил кривично дело измама против 54-годишниот Д. И. од скопското село Трубарево.
Според пријавата, осомничениот, претставувајќи се како „бајач“ и „божји човек“ со паранормални способности, измамил брачен пар за вкупно 400 000 евра.
Пријавителот, како што велат од Министерството за внатрешни работи, објаснил дека во периодот од 2022 до 2025 година, Д. И., со намера да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда него и неговата сопруга М. Д. Осомничениот тврдел дека има моќ да растури „зла магија“ која наводно била направена над нивниот син и му ги загрозувала здравјето и животот.











Во текот на речиси тригодишниот период, Д. И. го навел брачниот пар во повеќе наврати, на различни локации во Скопје и во Берово, да му даваат парични средства. Сумите за „помошта“ се движеле од 5 000 до 6 000 евра, при што осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист од 400 000 евра.
Веднаш по примањето на пријавата, полициски службеници од СВР Штип, во содејство со ОВР Берово, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, а по насоки на јавен обвинител од надлежното ОЈО Кочани, презеле мерки за расчистување на случајот. Паричните средства кои оштетениот имал намера да му ги даде на осомничениот, по претходен договор, биле крим-технички обработени.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека вчера, на 4 јули, во Берово од слобода се лишени осомничениот Д. И. (54) и неговата мајка Д. И. (76), исто така од Трубарево. При претрес, кај мајката биле пронајдени парични средства во износ од 3 000 евра. Дополнително, при претрес во нивниот дом во Трубарево, пронајдени се и одземени предмети поврзани со кривичното дело измама.
Против двете приведени лица од МВР велат дека е поднесена кривична пријава за продолжено кривично дело измама, а тие се предадени на судија на претходна постапка во Основниот суд во Кочани.