На средбата се разговарало за воената инвазија на Украина, која Левица ја нарекува „специјална воена операција“, а во соопштението се наведува дека партијата е против санкциите кон Русија. Апасиев и Крмов на рускиот амбасадор му врачиле и свечена монета со ликот на Гоце Делчев

Двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов денеска имале средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Бездникин, соопштија од партијата.
Средбата траела 90 минути и се одржала во Струшката сала во Собранието, а од Левица велат дека поминала во „пријателска атмосфера“.
Од партијата велат дека разговарале за домашни и меѓународни теми, а посебен осврт имало на руската инвазија во Украина, за која од Левица ја користат руската реторика односно дека тоа е „специјална воена операција“.
„На оваа втора официјална средба беше разговарано за актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од истата по меѓународниот поредок. Акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“,
пишува во соопштението од Левица.
Во соопштението, партијата отворено се спротивставува и на санкциите кои земјава ги воведе кон Русија, а се осудува и реториката на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Пратеникот Апасиев се огради од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразува волјата на мнозинството македонски граѓани. Осудени беа и непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација – од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите“,
велат од Левица.
Апасиев и Крмов на рускиот амбасадор му врачиле и свечена монета со ликот на Гоце Делчев, која левичарскиот институт „Рацин“ ја изработил по повод 150-години од раѓањето на великанот.